Финансиска поддршка од 140 денари дневно или 840 денари неделно добиваат студентите како субвенциониран студентски оброк што можат да ги искористат од понеделник до сабота. Мерката е наменета како поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите и за неа се одвојуваат средства од Буџетот на државата. Студентите генерално се задоволни од мерката, но сметаат дека треба да се смени концептот и да се зголеми висината на финансиската поддршка.
Студентите кои ги анкетираше екипата на МИА велат дека и покрај зголемувањето на износот на финансиските средства од 120 на 140 денари дневно потребно е овие средства да се зголемат. Од Универзитетското студенско собрание имаат Предлог-концепт и очекуваат за тоа да разговараат со новиот министер за образование и наука.
Од Министерството за образование и наука (МОН) во изјава за МИА велат дека станува збор за мерка за субвенционирање, односно поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите, а не за покривање на сите трошоци за храна.
– Користењето на мерката е регулирано со законско решение кое во два наврати е надградено на барање на студентите, преку претставниците на универзитетските студентски собранија. Измените предвидоа зголемување на износот од 120 на 140 денари дневно и исплата на неделна основа, наместо на дневна. МОН на почетокот на секој месец објавува повик за пријавување на студентите кои претходно го немаат остварено ова право поради разни причини. Согласно условите, апликантот треба да е редовен студент, да не е регистриран како индивидуален земјоделец, да не е во работен однос и да нема приход по кој било основ повисок од износот на минималната нето плата во тековната година, појаснуваат од МОН.
Студентите бараат зголемување на средствата
Во анкета што ја направи екипата на МИА, студентите посочуваат дека средствата од субвенционираниот студентски оброк донекаде им помагаат да купат прехранбени производи, но со зголемувањето на животниот стандард, бараат да се зголеми износот.
Сега засега е во ред. Многу попродуктивно е што се направи мерката да биде на неделно ниво отколку како што беше 140 денари на дневно ниво, меѓутоа, како што се зголемува стандардот на Република Северна Македонија, сметам дека така треба да се смени и сумата на нашиот оброк, заради тоа што тоа треба да оди паралелно. На неделно ниво, успеваме да купуваме нешто, меѓутоа сума-сумарум сепак се бориме. Сепак сме студенти, задоволни сме колку-толку. Може да се направи некоја измена. Мислам дека и во однос на другите држави коишто го имаат тој систем на субвенциониран оброк може да се искористи и да се преземе нешто, вели студентка за МИА.
Меѓу студентите има и размислувања дека висината на субвенцијата треба да биде зголемена барем до 200 денари.
– Мислам дека треба да бидат зголемени барем до 200 денари. Најмногу за храна ги трошиме парите како студенти од други градови. На неделно ниво ги користиме средствата, вели друга студентка во анкетата.
Најновите статистички податоци за мај покажуваат дека цените на мало се зголемени за 1,3 процент во споредба со април, а за 5,8 проценти во однос на мај лани. Инфлацијата во однос на април е зголемена за 0,9 проценти, а во споредба со мај лани за 4,5 проценти. Во делот храна и безалкохолни пијалоци има зголемување за 0,7 проценти. Најголем пораст има кај овошјето за 2,6 проценти и кај лебот и житата за 0,5 проценти.
– Оваа сума е релативно мала и најверојатно не може целосно да ги покрие основните трошоци за оброк на студентите. Имајќи предвид дека просечниот оброк во локални ресторани и мензи може да чини повеќе од оваа сума, студентите би можеле да се соочат со финансиски предизвици во обидот да обезбедат здрав и разновиден оброк. Доколку се земе предвид и растот на цените на храната и инфлацијата, оваа сума станува уште понедоволна, вели економскиот аналитичар, професорот Абил Бауш во изјава за МИА.
Зголемувањето на студентскиот субвенциониран оброк, според него, изгледа како потребна мерка со оглед на растечките трошоци за живот и инфлацијата, а смета дека можеби треба да се размисли и за промена на концептот како на пример: вклучување на повеќе опции за храна за студентите, вклучувајќи здрави и нутритивно балансирани оброци, со цел подобрување на нутритивната вредност на храната која студентите ја консумираат.