Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова го доби мандатот за формирање Влада. Практично, со ова од вчера тече дваесетдневниот рок кој тој го има за да го состави својот кабинет. Мицкоски претходно најави дека новата Влада ќе ја формира пред крајниот рок, но по 17-ти јуни кога партијата одбележува годишнина.
Повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека собранискиот спикер Африм Гаши беше избран со 76 гласови, Силјановска Давкова изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.
Владата што ќе ја предводи Мицкоски ќе брои 20 министри со и тројца министри без ресор.
Почнуваат внатрепартиски консултации за имињата на министрите – најави Мицкоски
Тој досега преговараше со албанската коалиција ВРЕДИ и со ЗНАМ на Максим Димитриевски, а иако поделбата на ресорите е веќе позната, имињата сѐ уште официјално не се соопштуваат.
Едно е сигурно – дека тие ќе имаат полни раце работа, зашто Владата во чиј состав ќе влезат, според најавите, ќе биде реформска.
„Сакам да најавам дека набргу од сега ќе биде составена новата влада, реформска влада. Влада која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме еднакви“, порача Мицкоски во говорот кој го одржа откако го доби мандатот во Вила Водно.
Истакна дека предизвиците кои новата Владата ќе треба да ги решава се бројни и малтене застапени во сите ресори меѓу кои образованието, енергетиката, земјоделството, но и правосудството.
Во говорот тој се осврна и на здравството, посочувајќи дека жално е во 21 век пациентите да го губат својот живот чекајќи по ходниците.
А иако од здравството си одат сѐ повеќе кадри и проблемите дополнително се напластија со крахирањето на хируршките сили, според предизборните ветувања на хартија граѓаните би требало да добијат олеснет пристап до здравствените услуги.
Во програмата со која ВМРО-ДПМНЕ агитираше за глас повеќе, се предвидува дигитализација на, и онака, кревкиот здравствен систем.
Програмата предвидува и интегриран клинички центар во Скопје, формирање на четири универзитетски клинички центри во внатрешноста, како и функционирање на ГОБ „Осми септември„ како дополнителен клинички центар за главниот град, со што би се направила институционална реорганизација.
Но ова не е единствената реорганизација за која зборува Мицкоски. Тој најави реорганизација на целата Влада во која ќе има и нови министерства. Законските измени врз основа на кои работата на органите на државната управа ќе претрпат промени, веќе се предложени во Собранието. Според очекувањата, тие би требало да бидат изгласани в понеделник.
За нив ќе биде потребно двотретинско мнозинство односно 80 гласови или само два повеќе од бројот на пратеници кои ги има коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со ВРЕДИ и ЗНАМ.
Мицкоски изјави дека очекува поддршка од сите парламентарни групи и нагласи дека ќе имаат и повеќе од 80 гласови.
Преспанскиот договор – камен на спомнување меѓу Мицкоски и Мицотакис
Мандатарот најави дека штом и формално ќе стане дел од институциите ќе преземе дипломатска активност за да ги аргументира позициите во однос на Преспанскиот договор. Тој рече дека нема да преименуваат автопати, аеродроми или споменици, туку мостови за поцврста соработка.
„Преспанскиот договор е дел од македонските закони и македонскиот Устав. И тука нема никаква дилема. Секој оној којшто е дел од институциите треба да ги почитува, но не можете вие да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна вие да ги кршите. Но исто така очекувам да градиме добрососедски односи, на принципиелна, конструктивна основа, добрососедски односи коишто доликуваат на 21 век. Немам намера условно кажано талибански да се однесувам ниту пак очекувам некој талибански да се однесува. Моето човекoво загарантирано право е право коешто е над сите права“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека тие се придржуваат кон ерга омнес во однос на името и им порача на медиумите да анализираат што исполнила Грција од Преспанскиот договор.
„Па ерга омнес ние го користиме. Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор. Ајде да видиме што тие направија овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото. Што се случуваше кога се менуваше Уставот, еднаш по Охридскиот рамковен договор, вторпат поради тој договор, третпат кога се ставаа пратеници во притвор, кога се вадеа ден спроти гласањето за уставните измени кога се менуваше уставното име. Ајде да зборуваме во поширок контекст“, нагласи Мицкоски.
Неупотребата на уставното име Северна Македонија од страна на новата македонска влада, ќе се најде и на маса пред политичарите на претстојниот самит на НАТО во Вашинггтон, доколку Скопје не го промени ставот. Ова го најави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис кој во интервју за телевизијата ЕРТ истакна дека токму името било причината што толку години Македонија не успеала да стане дел од Алијансата.
Според него, земјава не би можела да се приближи кон ЕУ доколку како што рече, отвори нов фронт со Грција.
„Мислам дека ова што го кажувам е очигледно и се надевам дека ќе биде сфатено со апсолутна јасност во Скопје, бидејќи навистина е, би рекол, една непотребна димензија што ги комплицира односите меѓу двете држави, што навистина мислам дека не е од корист пред сè и над сè за самите граѓани на Северна Македонија“, истакна Мицотакис во интервјуто што се емитуваше на претпоследниот ден од предизборната кампања во пресрет на евроизборите в недела.
(В. Ми)