Повеќе од 50 лица починаа во Индија во изминатите три дена поради високите температури, од кои повеќето во саботата, кога се одржа последната фаза од парламентарните избори.
Околу 33 лица починале во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш, а околу 20 во државата Одиша, јави Би-Би-Си.
Шефот на индиската изборна комисија Навдип Ринва рече дека семејствата на членовите на изборната комисија кои починале во жештините ќе добијат 18.000 долари компензација.
Парламентарните избори во Индија секогаш се одржуваат во април и мај, но годинава температурите беа рекордно високи. Министерството за здравство потврди дека од 1 март до 30 мај се регистрирани 56 смртни случаи од топлотен удар, а во тој период биле пријавени 24.849 случаи на топлотен удар.
Температурите во Северна, Западна и Централна Индија во последните две недели беа околу 45 степени Целзиусови, а на некои места достигнаа и 50 степени.