Панче Тошковски, минситерот за внатрешни работи во техничката влада, се одјави. Тој во соопштение изјави дека по објава на конечните резултати од Парламентарните избори од ДИК, неговиот мандат како министер за внатрешни работи во преодната Влада за спроведување на избори на пратеници официјално завршил, а согласно Законот за Влада досегашниот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши ја презема надлежноста, односно ќе ја врши функцијата министер за внатрешни работи до избор на нова Влада.
-Во оваа прилика сакам да истакнам дека изминатиот период беше исполнет со многу предизвици, но заедно со мојот тим покажавме дека со макотрпна работа, професионализам и чесност може да се постигне многу за нашата држава. Успеавме да обезбедиме стабилност и доверба во изборниот процес, односно слободно можам да кажам дека ги организиравме најдемократските избори досега, што впрочем беше и нашата главна цел. Покрај тоа, вложивме напори за подобрување на безбедноста и редот во нашата земја, справувајќи се со повеќе предизвици и ситуации кои бараа брзи и ефикасни реакции. Со гордост можам да кажам дека како тим кој раководеше со Министерството во овие четири месеци, функциониравме транспарентно и одговорно, секогаш со целосна посветеност на потребите на граѓаните и државата, вели Тошковски и додава:
-Посакувам што поскоро да се формира новата Влада, за да можат државните институции да профункционираат со целосен капацитет. Потребни се итни и темелни реформи кои се неопходни за Македонија што поскоро да се стабилизира и да го продолжи својот раст и развој. Верувам дека со заеднички напори можеме да создадеме подобра и поквалитетна иднина за сите нас, се вели во информацијата од Тошковски.