Маж од Белград, во чија куќа полицијата пронајде човечки череп, за српски Телеграф ја раскажал својата необична животна приказна.
„Мојот татко почина во 1979 година. Ние имаме гробно место во Земун и после 25 години почина мојата снаа од постариот брат. Дојдов на погребот и сѐ беше при крај. Тогаш забележав дека татко ми нема брада, но и дека го нема долниот дел од вилицата. Прашав што се случило, но никој конкретно не ми одговори“, изјавил тој за Телеграф.
Неговото име и презиме ѝ се познати на редакцијата, но сепак не се откриваат за јавноста. Понатаму, во разговорот за Телеграф, тој објаснува дека се работи за златни заби.
„Се симнав долу кај гробното место и си реков барем нешто да ми остане од татко ми. Јас мислев подоцна да го пренесам на гробницата во Далмација. Едноставно го сакав тоа и сѐ уште го сакам. Знаете, во тој момент, тоа злато сигурно вредело многу“, изјавил соговорникот.
Понатаму, тој раскажал дека черепот го ставил во плакарот во собата и целосно заборавил. Меѓутоа, подоцна дошла полицијата со сомнеж дека тој крие оружје. Се посомневале дека всушност, неговиот син држи дрога и оружје.
„Мојот син тврди дека нема врска со такво нешто, но тие имале некаква дојава, некакви сознанија и влегова со 20 кучиња. Така го зедоа и плакарот“, додал мажот.
Неговиот син е пуштен на слобода, а тој верува дека за него ќе следуваат последици поради сето ова.
„Го однесоа черепот на анализа за да докажат дека е од татко ми. Верувам дека вакво нешто никогаш не се случило, но исто така и да дојдеш на гробното место и да видиш дека некој ги зел забите“, посочил тој.
„Јас не зедов ништо туѓо. Не украдов ништо, всушност тоа е мое. Мене не ми беше до забите, туку сакав да сочувам нешто од татко ми. Реагирав бурно во тој момент“, изјавил тој за Телеграф.
Во меѓувреме по наредба на Обвинителството направена е обдукција на Институтот за судска медицина.