Рекордна заработка од платеното политичко рекламирање на телевизиите донесоа двојните избори. Овие средства за платено политичко рекламирање се обезбедува од државниот Буџет. Најдобро поминаа националните телевизии, кои за време на двата круга на Претседателските избори и за парламентарните избори сите заедно имаат инкасирано 4,4 милиони евра од политички реклами.
И овие избори не променија ништо во перцепцијата на партиите каде да огласуваат. Најголема заработка има ТВ Сител, со 894.661 евра, следи Канал 5 со заработка од 827.636 евра и Алсат со 794.877 евра. Трите телевизии заедно заработија 2,5 милиони евра односно повеќе од половината од рекламниот изборен колач за националните телевизии. ТВ 21 е со нешто над половина милион евра – 571.681 евра, следат Телма е со заработка од 412.992 евра, ТВ 24 со 309.462 евра и ТВ Алфа со 233.498 евра.
Регионалните телевизии заедно имаа еден милион евра, додека локалните нешто над 600.000 евра.
Радијата сите заедно – национални, регионални и локални заработиле 548.523 евра.
Што се однесува до претседателските кандидати, Стево Пендаровски (1,4 милиони евра) предничи пред Гордана Сиљановска Давкова (1,2 милиони евра) по платено политичко рекламирање. Следат Бујар Османи со потрошени 542.806 евра, Арбен Таравари со 493.465 евра, додека останатите кандидати се со далеку помали износи.
На Парламентарните избори, кај радијата и телевизиите најмногу трошеле СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, а партијата Десна нема потрошено ни денар за платено политичко рекламирање. Според партиските извештаи, коалицијата предводена од СДСМ потрошила 743.690 евра за реклами, ВМРО ДПМНЕ 702.885 евра. Европскиот фронт предводен од ДУИ – 492.269 евра, ВЛЕН – 446.076, Левица потрошила 94.198 евра, ЗНАМ – 36.515 евра, Единствена Македонија – 31.516 евра и Нова алтернатива на Данела Арсовска 15.769 евра. Останатите учесници се со помали износ, што може да се види на табелата.
АВМУ пресмета дека на сите 68 радиодифузери за Парламентарните избори беа емитувани вкупно 567 часа 43 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Додека за вториот круг на Претседателските избори кај 57 радиодифузери, беа емитувани вкупно 282 часа 58 минути и 54 секунди платено политичко рекламирање на кандидатите за претседател.
Ова се податоци од извештаите што радиодифузерите ги имаат поднесено по завршување на изборите. Дополнително се очекува извештаите на порталите и билбордите да ја покажат вкупната цена на платеното политичко рекламирање, што го плаќаме сите ние, преку државниот Буџет. За двојните избори се очекува да бидат потрошени околу 10 милиони евра.
Во вкупните пресметки не влегуваат трошоците за реклама што учесниците во кампањата за избори ги трошат на социјалните мрежи, како Фејсбук и Гугл.
В.К./В.Г.