Несекојдневен настан се случил со Албанец од Косово, кој отишол да ја оперира левата нога во една од скопските болници, објави Еуроњуз Албанија.
По проблеми со левото колено, Ремзи Точила од градот Урошевац (Феризај) закажал термин во приватната клиника во Скопје за да ја изврши хируршката интервенција. Но, откако се разбудил по операцијата, забележал дека лекарите по грешка го оперирале десното колено наместо левото.
Точила рече дека лекарите, откако сфатиле дека згрешиле, се обиделе да се оправдаат дека оштетеното лево колено предизвикало проблемот што се појавил и на другата нога.
„По операцијата откако се разбудив по анестезијата, забележав дека не ми е оперирана левата нога, туку десната. Го прашувам докторот: Докторе, што се случи? Дојдов да ја оперирам левата нога. Што е ова? Ми рече: Забележав дека ти е оштетена и десната нога, па решив да ја оперирам. По две-три недели ќе го оперираме и левото колено“. Го прашав докторот како има храброст да направи такво нешто без мое одобрение, без никакви претходни прегледи, ниту рендген или магнетна резонанца. Во документите што ги потпишав пред да влезам во операцијата пишува дека ќе се оперира левата нога““, вели Точила.
Откако претставниците на болницата ја сфатиле грешката, понудиле бесплатно да го оперираат левото колено, но тој одбил.
Ситуацијата добила поинаков тек кога Точила се консултирал со втор лекар. За негово изненадување, лекарот му рекол дека не му е потребна операција на ниту едната ниту на другата нога.
„Побарав второ мислење. Другиот доктор ми рече: „Фала Богу што не ја оштетиле десната нога. Се обиделе да направат нешто, но не направиле ништо. Ниту го оштетиле ниту нешто друго, во иста состојба е. Повеќе импровизирале. Не ви треба никаква хируршка интервенција“, објаснува Точила.
Пациентот од Феризај за интервенцијата платил 1700 евра. Болницата не прифатила да му ги врати парите, туку единствената понуда била бесплатно да му го оперираат левото колено. Точила ангажирал адвокат и поведува постапка пред македонските судови.
Од приватната болница одбиле да го коментираат случајот, бидејќи случајот е веќе во истражна постапка.
Извор: Еуроњуз