Денес во резиденцијата на Амбасадата на Турција во Скопје беше организиран еден необичен и симболичен натпревар за виткање сарми, традиционално турско јадење. Оваа симболична организација е по повод Неделата на турската кујна, манифестација што се реализира од 21 до 27 мај, а организатор беше г-ѓа Шејма Нур Улусој, сопруга на амбасадорот на Република Турција – Н.Е. Фатих Улусој.
На овој настан беше претставена традиционалната турска кујна, а додека се одвиваше натпреварот се промовираше туризмот во Турција и убавините на Егејот.
Оваа година манифестацијата се реализира со концептот „Средба на историјата, културата и природата: вкусови на егејскиот дел на турската кујна“.
– Турската кујна опфаќа широк дијапазон јадења, имаме многу традиционални јадења и специјалитети, но и многу од нив се заеднички со Македонија, како што се ќофтето, бурекот, сармата… – изјави сопругата на амбасадорот на Турција, Шејма Нур Улусој, која на гостите добредојде им посака со познатиот турски локум.
Во својот говор таа рече:
Како резултат на иницијативата на сопругата на почитуваниот Претседател Реџеп Тајјип Ердоган, првата дама Емине Ердоган, со учество на еминентни кулинари и академици, се објави книгата „Вековните рецепти на турското кулинарство“ која ги опфаќа за Вам добро познатите богати вкусови на турска кујна. По овој повод, во Туркије и низа земји низ светот се организираат настаните на „Неделата на турското кулинарство“, кои веќе добија традиционална димензија.
Турската кујна која црпи од своите вековни традиции, преку исклучителните рецепти стигнати до денешницата и инспирирани од разни географски региони, опфаќа еден широк дијапазон кој умее да го задоволи сечиј вкус. Нашите кујни се испрепрелетени и со Македонија, со која делиме долго заедничко минато, заедничко кулинарство и навики, и како резултат на тоа денес на нашите трпези имаме заеднички јадења како бурек, гравче, ќофте, сарма и низа други вкусеви, рече сопругата на амбасадорот. .
Меѓу гостите беа и познати дами од јавниот живот, како и сопруги на другите амбасадори во државава. кои приготвуваа сарми од лозов лист, а потоа беа оценети од стручно жири.
Во натпреварувачкиот дел учествуваа шест гостинки, меѓу нив и пратеничката Жаклина Пешевска, сопругата на ексбугарскиот амбасадор – Билјана Ангелова и други.
Натпреварувачките ги поддржуваа бројни гости, меѓу кои и сопругата на идниот мандатар – Рози Мицкоска, сопругата на експретседателот Иванов – Маја Иванова, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Димитриеска-Кочоска, сопругите на амбасадорите…
Најбрза во виткањето сарми беше пратеничката Жаклина Пешевска, а победник беше сопругата на амбасадорот на Кина во Македонија, Zuan Shung Jang.
Амбасадорот на Туркије, Фатих Улусој, им ги врачи признанијата на победничката и на сите учеснички.
Весна Миленковска