На свеченото затворање на концертната сезона на Македонската филхармонија, на 23 мај, во четврток, со почеток во 20 часот, на концертот насловен „Алфа и омега“ во Скопје ќе настапи еден од најпознатите пијанисти денес, турскиот и светски уметник – Фазил Сај.
Овој извонреден пијанист, кој поседува навистина редок талент, а со кој повеќе од три децении директно допира до срцата на публиката и критиката, за македонската публика ќе го изведе маестралниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll,оп.37 од Лудвиг ван Бетовен, информираат од Македонската филхармонија
За Фазил Сај (1970) критиката ќе каже дека концертите на овој пијанист се нешто поинакво. Тие се подиректни, поотворени, повозбудливи, накусо – стрелаат право во срцето.
Тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените.
Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија, а на програмата оваа вечер е и уште едно дело на генијалниот Бетовен, неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гетe.
Во вториот дел од концертот, најавуваат дека ќе биде изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.
За време на својата кариера, маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим.