По повод претстојните матурски прослави со кои се одбележува еден значаен период од животот на младите како симболично заокружување на периодот на детството и тинејџерските години и влез во светот на возрасните, СВР Штип апелира до матурантите да бидат внимателни и одговорни при одбележувањето на овие весели моментии.
Портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова порача младите да не дозволуваат убавиот повод да биде загрозен или уништен со една погрешна и непромислена постапка.
„Иако статистичките податоци за претходните три години укажуваат на намалување на негативните настани по повод матурските прослави, сепак говорат дека причина број еден за најголем дел од нив е консумирање алкохол. Имено, алкохолот никогаш не бил причинител за среќа, туку напротив најчесто е фактор за нарушување на јавниот ред и мир, со карање, викање или агресивно однесување, фрлање или кршење шишиња, чаши и други предмети, предизвикување или учество во тепачка, физички напади, сообраќајни незгоди и друго, па сѐ до оние со потешки последици по здравјето и животот каде најчести жртви се младите“, изјави Панајотова.
Поради сето ова, отсекот за превенција при СВР Штип упатува апел до матурантите да покажат зрелост и одговорност, да ги почитуваат законските прописи, да соработуваат со полицијата, а своите пријави да ги достават лично на полициските службеници кои се на терен или преку бесплатните телефонски броеви 112 и 192.