Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи со видео обраќање преку својот Фејсбук профил соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ по поразот на партијата на денешните претседателски и парламентарни избори.
-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, вели тој во објавата на Фејсбук.