Освен вториот ден од Велигден, денеска се празнува и Ѓурѓовден, празник во чест на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Се смета дека ова е празник на обновувањето на природата и на животот воопшто и секоја година се одбележува на истиот датум.
Во неговата симболика се врежани будењето на природата, вегетацијата и величење на животот.
Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија.
Традициите во однос на денешниот ден налагаат плетење на венец од зеленило и цвеќиња, миење со водата во која се потопуваат растенија и бањање во река. Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, се собираат зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитуваат вратите и прозорите на куќите. Ова според христијанското верување се прави за бериќет и здравје во домот, а исто така и плодови и род по полето, во трлата и шталите.
Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај има уште два празника поврзани со Св. Георгиј и тие спаѓаат во зимски слави, во ноември и декември.
Именден денеска празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо и други.