За Венко Филипче, понудата на Максим Димитриевски и ЗНАМ не е искрена и оди во насока на понатамошна поделба на СДСМ. Според Филипче, Димитриевски не е вистински социјалдемократ затоа што побегна од партијата и сега се обидува да ја подели.
„Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро“, рече Филипче на вечерашниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Радовиш.
Наместо поделбите кои се во основата на делувањето на Максим Димитриевски на Македонија и треба силен и единствен СДСМ бидејќи другата опција е власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе.
„Во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат“, рече Филипче.
Филипче е свесен дека СДСМ е исправена пред многу предизвици, но како што рече, тој и неговите сопартијци се подготвени да останат тука и во најтешките моменти.
„Јунаците се препознаваат кога е тешко. Затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден. Ајде сега да се фокусираме на второто полувреме од оваа тешка битка“, рече Филипче и додаде дека глас против СДСМ не е казна за нив, туку награда за ВМРО-ДПМНЕ и неограничена моќ што тие најдобро знаат како да ја злоупотребат.