Трчајќи со своите бебиња во количка, многу мајки учествуваа на трките кои се одржуваа во земјава изминатите години. Сепак на последната трка во Штип, спортистката Бојана Манева реши да внесе мала промена во таквиот „тренд“ и трчаше со својата ќерка в раце, правејќи ја шестмесечната Марија најмалиот, но истовремено и најслаткиот учесник на Superior Runs.
Бојана во својата локална заедница е препознатлива како некој кој интензивно промовира здрави навики. Таа е фитнес тренер, но речиси целиот свој живот е активна и на полето на каратето каде постигнува завидни успеси.
Фотографиите на кои Бојана трча со своето бебе наидоа на низа позитивни реакции пренесувајќи ја атмосферата од неодамнешниот спортски настан во нејзиниот град на кој таа и девојките кои ги тренира, ја добија наградата за најброен рекреативен тим.
А своите впечатоци од таму, Бојана ги сподели во разговор за ММС при тоа не заборавајќи да ја истакне важноста на физичката активност за нашето здравје.
„Оваа трка ја истрчав симболично и сакав да ја посветам на мојата ќерка. Пораката што сакам да ја пренесам е до сите мајки дека во никој случај нашите деца не треба да бидат изговор, туку тие треба да ни бидат поттик за да ги исполниме нашите цели“, вели младата мајка.
Таа додава дека гужвата на трката воопшто не била пречка за малата Марија бидејќи како што вели, таа обожава да биде во друштво.
„Марија е 6-месечно бебе, но поради тоа што утринските прошетки се дел од нејзината секојдневна рутина еден ваков настан воопшто не претставуваше проблем за неа. Едноставно, таа нема проблем и да е меѓу толпа луѓе“, истакнува Бојана.
Таа вели дека најголема поддршка добила од својот сопруг кој во текот на целата трка бил со нив, но овде биле и останатите членови на семејството за да може заеднички да уживаат во тие моменти.
„Се надевам дека и со една фотографија на која е прикажан таквиот момент сум успеала да мотивирам и инспирирам повеќе жени да веруваат во себе и си дадат шанса самите на себе“, додава Бојана која со своите постапки сака на својата ќерка да ѝ даде личен пример за придобивките од физичката активност, за кои вели дека се бројни.
„Особено во денешно време, физичката активност е навистина важна за развојот кај децата. И освен физичките придобивки кои верувам дека веќе сите ги знаеме, преку физичка активност тие добиваат и самодоверба, почит, кои ни се потребни понатаму во животот“, додава нашата соговорничка.
И покрај тоа што и таа и сопругот се спортисти, вели дека не би сакала на Марија да ѝ наметнува некоја своја желба за таа да се занимава со одреден спорт.
„За мене е најважно да биде физички активна и сето мое искуство да можам да ѝ го пренесам, а дали таа ќе биде рекреативец или професионалец во некој спорт ми е најмалку важно. Физичката активност планирам да ја наметнувам преку пример, повеќе време поминато заедно во природа или сала, а помалку пред екраните“, смета Бојана.
Откако знае за себе таа е вљубеник во спортот, имајќи предвид дека почнала да тренира карате кога имала шест години. Веќе осум години е државен првак на Македонија, претставувајќи нѐ во најдобро светло и надвор од нашите граници, поради што е балкански медалист како и учесник на европски и светски првенства.
ММС претходно веќе пишуваше за нејзините успеси, претставувајќи ја и нејзината работа со лицата со попреченост. Бојана вели дека тоа е најмалку што може да се направи за нив.
Проектот за работа со луѓето со попреченост нема да застане, уверува таа.
„Се надевам во иднина ќе се развие и во другите градови за да се подигне свеста кај народот“, заклучува Бојана.
А за тоа како спортот придонесува за инклузијата на лицата со попреченост прочитајте во продолжение: