Јас сум порасната во сала и спортот ми е во срцето. Затоа и сум пресреќна кога со моето знаење и искуство мамам насмевски на лицата на другите – вели каратистката Бојана Манева (25) од Штип.
Каратето е дел од нејзиниот живот цели две децении, а како вљубеничка во спортот, таа им ги предочува придобивките од него на своите сограѓани со попреченост. Бојана речиси една година им е фитнес тренер на корисниците на Центарот „Порака“, а наскоро планира посета на спортските клубови во својот град за да може да ги запознае со останатите спортови како кошарка, одбојка, ракомет и карате.
За својата хумана приказна, Бојана зборува во интервју за Македонски медиа сервис. Таа ни раскажа за своите спортски подвизи, за раѓањето на идејата да им помогне на своите сограѓани со попреченост, но и за тоа колку малку е доволно за тие да почувствуваат радост.
Тренирам од мојата петгодишна возраст, кога родителите ме запишаа на карате. Тоа беше моја желба и веќе долго време сум активен член на карате клубот „Штип“. Исто така сум карате репрезентативец на Македонија, седум години државен првак на Македонија во мојата категорија, имам неколку медали освојувано на балканските првенства, петто место на Медитеранското првенство, а имам и учества на европски и светски првенства и премиер лиги – ни раскажа Бојана.
Поради како што вели, одредени причини, не успеала да си ја реализира желбата да студира на Спортската академија во Скопје, па по матурирањето образованието го продолжила на Електро-техничкиот факултет во родниот град. Сепак, љубовта кон спортот пресудила таа да најде начин ова да биде нејзина главна преокупација и професија.
Минатата година Бојана почнала со фитнес часови за своите сограѓанки, а од еден навидум, обичен настан кој таа го организирала, се родил проект со кој таа им помага на луѓето со попреченост полесно да се интегрираат во општеството.
-Сакав да работам со лица со попреченост, но поради ковид пандемијата сметав дека најдобро ќе биде тоа да го одложам, по што во септември почнавме спонтано да комуницираме Имаше еден настан којшто јас го организирав под мотото „Фитнес ден за сите“ во Штип и беше поддржан од ЕУ. На тој ден сите фитнес студија организираат настани во совјот град – вели Бојана.
За време на настанот ѝ пришла една жена која всушност, работи со корисниците на Центарот „Порака“. Таа прашала дали и тие може да учествуваат на настанот и така се родила една општествено одговорна соработка.
-Центарот Порака е наменет за лица со интелектуална попреченост над 18 години и тие одат таму за да се обучат да ги извршуваат секојдневните обврски подобро и да бидат посамостојни. Во Центарот има петнаесеттина корисници и од минатиот септември па до денес, сите доаѓаат на фитнес тренинзите – ни објасни Бојана.
-Од спонтан настан се случи еден проект, односно договоривме со двете нивни менторки да аплицираме за проект за да бидат децата физички активни. Аплициравме до Општина Штип, ни го одобрија проектот, а тој почна во април и ќе се спроведува до септември под името „Спорт и рекреација за сите“. На овие лица им се овозможува да бидат физички активни во сала да имаат тренинзи два пати неделно коишто за нив мислам дека многу значат – споделува младата спортистка.
Таа забележува дека луѓето со попреченост се пресреќни кога се физички активни, а работата со нив е благородна. Смета дека вежбањето за нив е особено корисно бидејќи им се подобрува моториката и генерално психофизичкото здравје.
„Спортот за нив е од големо значење бидејќи им помага за подобра координација во просторот, за концентрацијата, а работиме и прилагодливи вежби за сила, издржливост и брзина. Се вежбаат сите делови од телото“, додава Бојана.
Таа вели дека секој час е различен, но сепак е исполнет со игра и забава.
„Сакам преку спортот да добијат дисциплина и константност. Секој тренинг трае од 50 минути до еден час, вклучувајќи загревање, главен тренинг и истегнување, а на крајот имаме и игри за забава“, објаснува Бојана.
На почетокот часовите се одвивале поретко, бидејќи на корисниците на „Порака“ им било потребно време да ја прифатат како тренер. Тренинзите наишле и на позитивни реакции кај семејствата, па оваа штипјанка најавува дека тие ќе продолжат дури и откако ќе заврши проектот.
„Јас одев кај нив во Центарот, па откако рестриктивните мерки малку ги ослободија и откако го добивме проектот тие имаат можност сега од Центарот да доаѓаат до сала и со соодветна опрема да си бидат активни. Сакаме и да посетиме неколку спортски клубови од областа на одбојка, кошарка, ракомет и карате, за да ги доближам повеќе до разните спортови“, најавува Бојана.
Низ насмевка вели дека таа дури е посреќна од нив кога работат заедно.
„Секое лице си е посебно на свој начин и јас многу сум среќна бидејќи имаше посебна енергија меѓу нас и тие бргу ме прифатија. Јас сум повеќе среќна отколку тие бидејќи за мене е навистина од големо значење тоа што работам со нив. Ме инспирира секоја нивна насмевка и прегратка, кога ќе видам како ме пречекуваат веднаш се препознава енергијата. Можеби тоа им недостигало бидејќи никој не им обрнува внимание и кога ќе ја препознаат енергијата лесно да прилагодуваат“, вели Бојана.
Таа апелира до сите колеги, пред сѐ од нејзиниот град, да дадат свој придонес за поголема вклученост на луѓето со попреченост во општеството и додава дека ѝ е голема желба ова луѓе да станат дел од првенствата во карате.
„Веќе во спортскиот свет на сите првенства имаме учество на лица со попреченост. Кај нас во каратето нема лица со попреченост кои понатака би имале можност да ја претставуваат Македонија на некое светско првенство“, потенцира Бојана.
Таа потсетува дека претходно нејзините сограѓани со попреченост биле дел од трка која ја организирал Универзитетот „Гоце Делчев“, па така добила идеја да организира трка за лица со попреченост. Додека ова е следната цел на чие постигнување Бојана работи, таа порачува дека луѓето со попреченост се пресреќни кога некој им обрнува внимание.
Со својата посветеност и знаење таа несомнено внесува ведрина во нивното секојдневие и вели дека хуманоста е најголемото достигнување за еден човек.
Вања Мицевска