Резултатите не се како што очекувавме, рече претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски на прес конференција по првиот круг на изборите.
„Веројатно разликата ќе биде околу 130.000 гласови. Очекувавме помалку, но утре е нов ден. Од утре почнуваме со средби со граѓани кои ги практикуваме до сега. Имаше седум кандидати и поради тоа гласовите се поделија на повеќе страни и веројатно некои од кандидатите кои отпаднаа земаа гласови кои беа претпоставени. Тргнуваме од почеток и мојата задача ќе биде да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, тој концепт на држава која не е изолирана, која е интегрирана во Европа и држава која внатре нема поделби по било која основа“, кажа Пендаровски.
Тој додаде дека нема да прави договор со некој од кандидатите за таканареченото механичко префрлање на гласовите
„Ниту во 2014 година ниту во 2019 година не сум правел такво нешто за да механички преземам гласови од било кого. Тоа нема да го правам ни сега, едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт“, посочи Пендаровски.
Според него, уште пред да почне изборната трка, кондицијата на коалицијата не била на исто ниво како во 2019 година.
„Исто така знаете дека без поддршка од коалиција на политички партии не можете да влезете во изборна трка. Успеав да додадам некаква вредност на коалицискиот потенцијал. Се надевам дека меѓу двата круга и тие ќе успеат да понудат повеќе“, рече Пендаровски.