„Конечно мора да се направи разлика помеѓу чесните и нечесните, помеѓу способните и неспособните! Конечно, мора да се стави крај, луѓето со лажни дипломи и криминално работење да бидат успешен пример, а чесните и скромните да патат! Доста е! Мора да одговараат, да се соочат со правдата“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг во Скопје.
Тој додаде дека за тоа мора да се даде личен пример и затоа ветингот ќе започне со него и неговите колеги, кои ќе бидат први во проверката за да покажат чесност, ред и правда.
„Нема повеќе одложување на ветингот. Кој сака еврокомесар нека се јави, одложување повеќе нема да има. Секој што бил или сака да биде на позиција ќе мора да докаже од каде му е имотот. Како го заработил? Како од плата успеал да купи куќи, станови, скапи автомобили? Ќе има ветинг за судиите и обвинителите, но и за пратениците, министрите, директорите и другите раководители“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека само така ќе потврдиме дека се залагаме за европски систем и европски вредности во Македонија, бидејќи не се сите политичари и функционери исти.