Синдикат на Полиција во Македонија (СПМ) поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје (ОЈОГОКК) против поранешниот министер за внатрешни работи и други три лица членови на дисциплинска комисија за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Штип, заради основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.
-Пријавените во својство на службени лица – во еден наврат, ги пречекориле границите на своите службени овластувања на тој начин што со повреда на законските прописи за спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор несовесно постапувале во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа на оштетените Б.Д и Е.Д. им нанеле материјална штета, соопштија од СПМ.
Според Синдикатот, пријавените ги пречекориле границите на своите овластувања постапувајќи спротивно на член 196 став 3 од ЗВР од моментот на спроведување и одржување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, па се до изрекување на решение на министерот за внатрешни работи.
-Иако биле свесни и должни да ја прекинат постапката заради настаната апсолутна застареност истите продолжиле се до донесеното незаконско решение, се вели во соопштението на СПМ.