Најголем број на новозаболени со пертусис или црна кашлица има во Скопје, следат Битола и Куманово, додека по еден случај има пријавено во Тетово, Крива Паланка, Прилеп и во Струмица. Ова се последните податоци што ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), каде се евидентирани 46 нови случаи. Тоа е зголемување за 4,6 отсто во однос на претходната недела.
Вкупно до сега, од појавата на првиот случај, од пертусис заболеле 489 луѓе.
„Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи“, пишува во Извештајот на ИЈЗ.
Најголем број лица живеат во Скопје – 392 (80,2%) со зафаќање на седумнаесет различни
општини. Во рамките на епидемијата во Куманово се пријавени 27 заболени лица (5,5%), а
случаи се пријавени и во други 15 градови низ државата.
„Во однос на вакциналниот статус, 294 лица (60,1%) од заболените не се вакцинирани, се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација или се со непознат вакцинален статус. Од 18 јануари досега, дадени се вкупно 41.044 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица“, соопштија од ИЈЗ.
Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години. Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години, потоа се децата на возраст до 4 години (25,8%),
односно 75 случаи (15,3%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 51 (10,4%) се
деца на возраст од 1 до 4 години. Највисока инциденца се бележи во возрасната група
под 1 година.