„Ова веќе не се поднесува! Исклучително сум загрижен поради континуираните напади врз независниот новинар и основач на Порталикс, Фуркан Салиу, во Северна Македонија“ – вака почнува објавата на Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари EFJ.
Гутиерез потсетува на настаните со апсењето на Салиу, кога, како што пишува во објавата „за време на неговиот притвор, провладините медиуми и пропагандистичките профили на социјалните мрежи брзо се обидоа, но не успеаја, да создадат лажни наративи за причините за неговиот притвор, вклучително и неосновани обвинувања дека тој нападнал полицајци“.
-Дополнително, некои владини министри, исто така, се обидоа да го оцрнат угледот на Салиу. Денеска е пријавено дека против него е поднесена кривична пријава која може да доведе до претреси и заплени во неговиот дом и канцеларија. Го повикувам министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да се погрижи случаите во кои се вклучени новинари да се постапуваат во целосна согласност со европските правни стандарди и секоја истрага во која се вклучени новинари да ја зема предвид потребата да се почитува независноста на медиумите, нивната улога во општеството и особено заштитата на новинарските извори, бара Генералниот секретар на EFJ.
Тој потсетува дека снимањето на полициското насилство и информирањето на јавноста за тоа не е кривично дело, додека сторителите на ова насилство мора да бидат кривично гонети, а не новинарите кои известуваат за тоа, во име на јавен интерес.
-Фуркан Салиу ја има целосната поддршка од Европската федерација на новинари – EFJ. Заедно со нашите подружници ЗНМ и ССНМ и меѓународните невладини организации за слобода на печатот, внимателно ќе го следиме неговиот случај. Фуркан Салиу само си ја изврши должноста. Властите треба да му се заблагодарат наместо да го малтретираат, пишува Гутиерез.
По апсењето на новинарот Салиу, МВР му поднесе кривична пријава за попречување на службено лице во вршењето на службена должност а не за делото напад на службено лице, како што беа првичните изјави на официјалните лица од МВР. Следеше и повик на социјалните мрежи од припадник на полицијата во група каде членуваат полициски службеници „да не го заборават лицето на новинарот“, што според Салиу е директен повик на насилство.
Фуркан Салиу напиша дека ако нешто му се случи, одговорни ќе бидат Љупчо Москов (авторот на постот), Драган Павловиќ Латас, кој на телевизија го коментираше настанот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Вчера во емисија на националните медиуми Драган Павловиќ Латас го поздрави насилството врз мене. Денеска г. Москов сака моето лице да го памети ЕБР. Ако утре нешто ми се случи, одговорите треба да се бараат кај Љупчо Москов и Драган Павловиќ Латас, како и кај министерот Тошковски. Љупчо Москов е познат на Внатрешната контрола на МВР. Тој е вработен во МВР и според информации од наши извори, по доаѓањето на техничкиот министер бил поставен на повисока функција. Со скриншот во група од над 7.300 членови, припадниците на полицијата, вклучително и припадниците на ЕБР, директно повикуваат на насилство. Тој бара од полицијата да се сеќава на моето лице и да не ме заборави. Ме прикажува како непријател на полицијата, имплицира дека сум нечиј платеник и дека работам против државата“, напиша новинарот Салиу.
Случајот со апсењето на новинарот, е предмет на работа на Внатрешната контрола во МВР.