Родителите ни даваат живот, а тука се да го дадат и својот по цена да го спасат нашиот секогаш кога ќе „загусти“. Доказ за бескрајната љубов и пожртвуваност што еден родител може да ја има за своето дете се и родителите на скопјанецот Филип Петрушевски (28), кој во детството бил дијагностициран со хронична бубрежна инсуфиенција.
Тој е пациентот и со кој на некој начин е испишана историја во македонското јавно здравство, бидејќи е првото дете на кое му е трансплантиран бубрег во земјава. Тогаш бубрегот му го дал неговиот татко, но ситуацијата се влошила поради што на Филип му е неопходна дијализа.
Дијализата која сега ја прави три пати неделно, речиси целосно го исцрпува неговиот, и онака, кревок организам.
Во неговото тело треба да биде трансплантиран нов бубрег од мајката на детенце, кое пак, ќе добие бубрег од мајката на Филип. Ваквата вкрстена трансплантација не може да се направи во Македонија, па граѓаните веќе се мобилизираат да ја соберат потребната сума за операцијата која треба да му го продолжи животот на ова момче. Паралелно, семејството на детето исто така трага по начини за да дојде до илјадниците евра со кои треба да ги подмират трошоците околу операцијата.
Во разговор за ММС, Филип ја раскажа својата животна приказна, која говори за едно детство исполнето со предизвици.
„Кога имав шест, седум години крвта почна да ми слабее. Немав апетит, не растев во висина и не се развивав. Така почна сѐ. Моите родители почнаа да ме носат на прегледи поради сите овие симптоми и потоа ми дијагностицираа хронична инсуфиенција“, вели Филип.
Со бубрегот од татка си до повеќе успеси
Но во тинејџерскиот период неговиот живот добил нова димензија. По операцијата која му била извршена од д-р Ристе Симеонов на Детска хирургија во Скопје, Филип го добива бубрегот од неговиот татко.
„Тогаш родителите ми објаснија дека ќе ми стават бубрег за да функционирам нормално. Ги испитаа и мајка ми и татко ми, но татко ми одговараше повеќе како донор, а мајка ми беше компатибилна само 50 отсто и затоа не ризикувавме со нејзе“, додава Филип.
Следните неколку месеци ги поминал во изолација за да може организмот убаво да го прифати бубрегот.
„Три месеци бев во изолација, па потоа уште два се шетав со маска. Каде и да одев, одев со маска. Така ќе биде и сега кога ќе се оперирам“, објаснува Филип.
По добивањето на бубрегот од татка си, Филип добил значително подобар живот.
„Одев на школо, завршив средно, работев по малку и после тоа. Имав сила, се поправив и од 12 дојдов на 60 килограми, сѐ си беше нормално. Се дружев, возев часови во автошкола, но сѐ уште немам положено. А сега ништо не можам да правам“, посочува тој.
Но со тек на време, неговиот организам го исфрлил бубрегот.
На докторите не им преостанало ништо друго, освен повторно да се одлучат за дијализа, така што овој процес повеќе од пет години е негова рутина три пати неделно, а Филип вели дека тоа максимално го исцрпува.
„Во деновите кога одам на дијализа не можам да функционирам. Тогаш го преспивам целиот ден, а покрај тоа, ми се уништуваат и коските, имам и мачнини. Во тие денови дури не можам ни муабет да правам“, додава нашиот соговорник објаснувајќи дека дијализата е тешка бидејќи е со крв.
„Оваа е со крв, уште полоша од онаа што ја имав порано. Недај Боже може и да се зарази крвта па да не можам никогаш бубрег да добијам. Многу лоша е дијализата. Ама фала му на Господ внимавам, каде што одам на дијализа има хигиена на високо ниво и добро е сега за сега, но лошото е што коските ми ги упропасти“, вели Филип.
Од 2018 година тој има артериовенска фистула која прави директно спојување на артерија со вена и така се врши дијализата.
„На левата рака имам фистула за дијализа. Прво ми направија на десната, но работеше само три дена па прекина и мораа да ми направат на левата. Фистулата е кога се спојува вена со артерија и 20 или 30 дена треба да вежбам, односно да стискам топче. После ме боцкаат на две места на раката, доле на артерија и погоре на вена. Од едната страна ја вадат крвта и ја филтрираат на апаратот за дијализа па ја враќат во вена и така ме тоа ме чисти по четири саати три пати неделно. Но тоа е четири саати дневно, а потоа токсините сами си се качуваат“, додава Филип.
Ситуацијата дополнително се искомплицирала кога добил бактерија, поради што морал да помине низ нова хируршка процедура во една од приватните клиники во Скопје.
„Цел граден кош ми го сечеа, но добив сепса па 20 дена бев во кома. Кога се разбудив многу тешко дишев. Имав вода во белите дробови, но со тек на време со дијализите тоа се исчисти и ме боцкаа директно во белите дробови ми ја вадеа водата со цевче со игла. Се опоравив малку па почнав пак со дијализа. Фала му на Господ фистулата работеше и не откажа додека бев во кома“, се сеќава Филип.
Во тој период, тој веќе имал и соодветен донор за да добие нов бубрег со операција во Турција, но поради високо ниво на антитела во крвта турските хирурзи одлучиле да не ризикуваат.
Дополнително, бактеријата ја влошила неговата состојба.
„Тогаш најдовме донор од Бугарија, односно мајка ми требаше да даде бубрег на еден човек, а сестрата на неговата сопруга да ми даде мене. Но како се искомплицира ситуацијата тоа пропадна и докторите повторно препорачаа дијализа“, додава Филип.
Иако дијализата му го продолжува животот, тој има сериозни нарушувања на коските и зглобовите, но и васкуларни проблеми кои би станале минато доколку добие нов бубрег. Целата процедура ќе чини од 60 до 80 илјади евра – сума во која не влегува само операцијата туку и неговиот престој во Турција каде ќе треба да биде барем два месеца за да оди на редовни контроли. Но за да се изврши операцијата, нему ќе му биде неопходна плазмофереза – постапка за чистење на антитела од крвта.
„При една ваква процедура се вади крвната плазма од мене, се става друга со помош на апаратот за дијализа, но со друг сет за вадење на плазма. Еднаш веќе имам правено плазмофереза, но тогаш бев во кома. Значи таму ми правеле, а не сум знаел, ми кажаа кога се разбудив. Но знам дека така се прави. И кога ќе ги исчистат тие антитела потоа се прави трансплантација на бубрег, се става новиот бубрег“, додава Филип.
Без ваквата процедура операцијата ќе биде бесцелна, бидејќи како што вели тој, организмот може да го исфрли новиот бубрег за два часа.
И покрај сите предизвици, Филип вели дека се труди да е насмеан и позитивен зашто на крајот од денот, ваквите потешкотии го направиле појак. За операцијата која му претстои истакнува дека не се обратил до Фондот за здравство бидејќи претходно веќе му биле одобрени пари од оваа институија за да оди во Турција, но по една недела таму му било кажано дека трошоците не се подмирени и оти ќе мора да се врати назад.
Младиот скопјанец сега апелира до сите хумани граѓани да донираат во рамките на своите можности и што побргу да ја направи операцијата со која би добил целосно ново секојдневие.
„Очекуваме да заминеме за Турција кога ќе соберам дел од парите за да можам да почнам барем со плазмоферезата и да ги направам потребните испитувања. Значи барем да се соберат од 20 до 25 илјади евра, тоа ќе биде доволно ќе биде за првите четири недели. Така ми кажаа. Ќе треба да додадеме пари за да продолжам, да не се враќам и да биде целосен третманот“, објаснува Филип за крај на разговорот.
Хуманите граѓани за него може да донираат на телефонските броеви:
143 155 и 143 463
Како и преку новата платформа E crowd на следниот линк
Вања Мицевска