Со поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“, националното радио Канал 77 почнува нова дигитална епизода од своето постоење на својот официјален Јутјуб канал, секој петок од 18.00 часот. Професорот по безбедност Методи Хаџи Јанев, во своето премиерно издание за прв гостин го имаше новинарот Џелал Незири, кој говореше за дезинформациите и нивното влијание.
Според Незири, пласирањето на лажните вести особено е интересно за публиката, имајќи в предвид дека таквите вести се изнесуваат на спектакуларен начин и се многу поинтересни од реалните вести, потенцирајќи дека секогаш се емитуваат со однапред позната цел.
- Ширењето на дезинформациите е со однапред смислена цел, најчесто злонамерна. Тие се третираат како оружје за „војна“ меѓу разни центри на моќ, а кога ќе фатат корен, тие дејствуваат како отров за општеството во кое сè помалку се практикува критичкото мислење, а сè повеќе се шири пропагандата и говорот на омраза, вели Незири.
Тој алармира дека во ова доминантно време на дигиталниот свет, претставува опасност можноста секој да создава медиум и да креира вести, а кои се разликуваат од професионалните новинари и нивната работа во традиционалните медиуми.
- Дигиталната ера создава „дуќан“ од медиум кој се користи за бизнис интереси преку пласман на дезинформации. Опасноста особено е голема бидеќи ваквите медиуми учествуваат во креирање на јавното мислење, а слободата на говор ја претвораат во анархија на интернет сферата. Токму поради ова, неопходно е да се создаде листа на професионални медиумски портали, кои ќе практикуваат одредени кодекси и норми, апелира Незири.
Целосниот разговор со Џелал Незири на линкот подолу.