Новинарот Фуркан Салиу денеска е приведен за време на фудбалски натпревар во селото Коњаре.
Член на семејството на новинарот Салиу за „360 степени“ рече дека тој заедно со неговиот снимател го следел фудбалскиот натпревар при што полицијата тргнала да апси младо момче. Салиу им се спротивставил и почнал да ги прашува зошто го прават тоа, по што бил совладан и приведен, вели нашиот соговорник.
Снимката од апсењето е објавена на фејсбук-страницата на IN7.tv.
За апсењето се огласија и ЗНМ и ССНМ.
„ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања. Пред малку беше објавена информација на PortaliX, онлјан медиумот во кој Фуркан Салиу е основач и уредник. Уредничкиот тим на медиумот информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува PortaliX“, се вели во соопштението.