Со задолжително полиграфско тестирање на граничните и царинските службеници до зајакната безбедност, подобра економија и подобар углед во меѓународната заедница.
Спроведувањето на ваквиот проект ќе ја симне корупцијата од врвот на листата на проблеми во македонското општество – сугерираат познавачите. Тие предлагаат да се формира и посебно тело под чиј надзор ќе се врши полиграфирањето.
Во оваа насока досега се одржаа три јавни дебати. Четвртата, односно онаа на која требаше да дебатираат пратениците сепак нема да се одржи, откако една од партиите соопштила дека „не е време и место“ да се разговара за еден ваков проект.
Националниот совет за спроведување на националната стратегија за гранично интегрирано управување ќе испрати и извештај до Владата во кој ќе ги сумира заклучоците од дебатите.
Засега наодите говорат дека предлогот има поддршка од експертската јавност, синдикатите, но и бизнис секторот од каде сметаат дека сивата економија почнува токму на граничната линија.
Многу зборуваат, малку прават – Политичарите без значителни ефекти во борбата против корупцијата
Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров вели дека борбата против корупцијата секогаш е дел од политичките програми во предизборијата, но и покрај тоа во овие 33 години има минимални ефекти. Оттука, Пивоваров додава дека сосема се нормални критиките и од меѓународната заедница и од домашната јавност.
Во изјава за Македонски медиа сервис тој ја објасни суштината на целата идеја за проектот со полиграфскиот тест нагласувајќи дека со него ќе се постигне нулта толеранција за корупција.
„Многу пати политичарите го употребуваат овој збор не познавајќи ја суштината на нулта толеранција на корупција. Тоа е една превентивна теорија која десет години живеела на просторот на општина Чикаго. Тоа значи дека полицијата добила овластување за најситни прекршоци да изрекува драконски казни, со тоа што казната ќе биде во функција на превенција и така криминалот во Чикаго за тие десет години бил сведен на минимум. За жал, политичарите кои доаѓале подоцна им ветиле на граѓаните дека ќе ги тргнат сите можности што ги носи овој проект, што не било добро и се покажало дека криминалот драстично почнал да расте. Меѓутоа во овој проект, каде што велиме дека никакво влијание нема да има ниту политичка партија, ниту претпоставениот, ниту роднина, сакаме да ги избегнеме сите можности за надворешно влијание“, објаснува Пивоваров за ММС.
Идејата е полиграфското тестирање да се спроведува на високо ризичните работни места, односно да биде задолжително за царинските и граничните службеници.
„Предвидуваме полиграфирањето да се врши при прием на лицата во службата. Потоа, по нивното вработување да се прави најмалку еднаш годишно и доколку има потреба од страна на истражните органи да се врши и повеќе пати“, додава Пивоваров.
За овој проект да го види „светлото на денот“ партиите ќе мора да постигнат консензус и да формираат ново тело, исто како по примерот на ОТА.
„Во формирањето на новото тело сакаме да бидат вклучени и новинарите, стручната јавност, но и невладиниот сектор. Полиграфирањето ќе се врши врз основа на стручно изготвени прашалници. Истите се снимаат и доколку едно лице не го помине полиграфскиот тест, значи во таква ситуација не е квалификуван да работи на високо ризично работно место, а тие снимки се доставуваат до јавен обвинител“, истакнува нашиот соговорник.
Според него, доколку не постигнеме консензус за ова прашање, ‘не ни заслужуваме да бидеме држава’.
„За вакво сериозно прашање со вакви сериозни аргументи, досега мислам ако бевме Швајцарија ќе се распишеше и референдум. Меѓутоа, мислам дека политичките партии според нивните кажувања и увидувања, сите се ‘за’. Треба да почекаме да видиме дали тие би сакале ова и практично да биде спроведено. Но доколку овој проект профункционира секоја политичка партија што ќе дојде на власт ќе има многу повеќе можности да го унапредува општеството ако има повеќе пари во буџетот. Да не зборувам дека безбедноста на граничната линија ќе биде во голема мера зајакната и тоа е една од суштините“, додава Пивоваров.
Меѓутоа, формирањето на новото тело ќе мора да повлече и создавање нови кадри, зашто во моментов Македонија располага само со четворица лиценцирани полиграфисти.
И полиграфистите на тест за да не бидат имуни на обидите за корупција
Доколку се тестираат само граничните и царинските службеници чиј број е околу 1500, еден полиграфист на дневна основа би можел да работи со по двајца службеници.
Пивоваров вели дека ќе биде потребна и резерва за полиграфските апарати, од кои најквалитетниот чини 30.000 евра.
„Меѓутоа, ова е сериозен проект и мора да имаме нови луѓе, млади луѓе, кои ќе бидат добро платени. Затоа, ако претпоставиме дека влогот е милион евра за ова тело на годишно ниво, а во буџетот вратите стотици милиони евра во буџетот, тоа е значи многу мал процент. Во оваа превенција ние малку ќе вложиме, а многу ќе добиеме. Досегашната практика покажа дека истрагите за корупција долго траат, а некои и застаруваат. Обвинетите на крај се спогодуваат со обвинителот, добиваат условна казна и повторно ги гледаме на самата гранична линија. Значи исто е како на волкот да му дадете повторно да ги чува јагнињата кои претходно ги давел, народски кажано“, вели Пивоваров.
За да не бидат пак, и самите тие корумпирани, полиграфистите исто така ќе треба да бидат тестирани, а државата да биде сигурна дека работат за нејзин интерес.
А каде би можеле да се обучат оние кои ќе сакаат да бидат полиграфисти и какво образование од претходно треба да поседуваат – одговори побаравме од Никола Божиновски, сопственик на компанијата Полиграф центар.
Тој вели дека улогата на приватниот сектор би била токму во создавањето на нови кадри, а потоа и во надзорот над нивната работа.
„Според статистиката се работи за околу 1500 души кои би требало да бидат тестирани, што во моментот не може да се постигне со постоечките лиценцирани полиграфисти во Македонија. Така што, ние како компанија би обучиле најмалку десетина полиграфисти кои би работеле во тоа новоформирано тело и исто така, би вршеле надзор над нивната работа. Ова ќе биде во согласност со идејата за менторирање со цел сите постапки да бидат контролирани, за да не дојде до корупција на полиграфистите кои ќе го вршат тестирањето“, вели Божиновски.
Тој додава дека сепак, може да има обиди за корупција и кај полиграфистите, поради што тие ќе мора да бидат контролирани без некој да биде имун на пропусти во работењето.
Кој може да биде полиграфист?
Божиновски вели дека за оваа професија најсоодветни се оние кои имаат високо образование од областа на општествените науки, особено кадрите кои се занимаваат со право или криминалистика.
„Пред сѐ, лицето треба да има високо образование, но освен тоа да има и високи морални вредности и интегритет. Не секое лице може да биде полиграфист. Затоа сме ние тука, како што нас нѐ менторирале во САД и Европа, така и ние ќе ги менторираме полиграфистите. Значи има повеќе филтри каде што ќе се проверува интегритетот и моралниот бекграунд на лицето, како и тоа дали умее да работи со интрументи и да го познава телото односно физиологијата и психологијата на телото“, објаснува Божиновски.
Тој ја поздравува идејата за проектот, но вели дека понатаму полиграфскиот тест би требало да се практикува кај сите што донесуваат одлуки за тендери и јавни набавки, како еден чекор кон сузбивање на корупцијата.
„Секако дека е потребно освен на граничната линија, ова да профункционира и во другите сектори. Во САД на широко се употребува полиграфот, пред сѐ во избирање на раководни позиции, на високо ризични работни места во рамките на безбедносните служби. Полиграфот се користи за проверка на тоа лице дали има некоја задскриена агенда или вистински ќе ја извршува функцијата. Затоа и при вработување има полиграфско тестирање, но и во текот на работата како би се видела неговата лојалност кон државата. Секаде каде што постои можност за корупција препорачливо е да се тестира“, порачува Божиновски.
Координаторот за гранично управување пак, Пивоваров укажува ова е единствениот начин реално да се заобиколи кругот на истрагите кои долго траат во обвинителството, а не даваат резултати.
„Не видовме ефикасна казна затвор одземање на имот, стекнат на коруптивен начин од страна на лицата кои го сториле ваквото кривично дело, за да се упати порака кон оние кои се идни можни извршители. Доколку нема сериозни санкции, секој извршител ќе си рече дека тоа е многу нормална појава и многу лесно може да стане предмет на корупција“, вели Пивоваров.
Тој додава дека многу е мал бројот на случаи во кои полицајците и царинските служби пријавуваат кога им се нуди мито, а тоа како што вели, е сигнал дека нешто многу лошо се случува.
-На крај, полицијата има законска обврска да открива, превенира и докажува кривични дела. Ние на гранична линија имаме полициски службеници меѓутоа таму во однос на корупцијата немаме ниту една оперативна информација. Нешто не е во ред и тоа се сите сигнали кои укажуваат дека можно е да се случуваат коруптивни настани на големо. Суштината на целиот овој проект е да имаме конкретни резултати. Кога ќе ги почувствуваме економските и безбедносните бенефити, но и бенефитите од угледот во меѓународната заедница, во тој момент ќе кажеме дека ние навистина сме партнери и ќе бидеме прифатени како рамноправен член во ЕУ – заклучува Пивоваров.
Дебатите на оваа тема почнаа минатиот месец, а доколку Владата го усвои извештајот кој ќе ги сумира сите заклучоци од нив, ќе треба да го достави до Собранието на гласање од следниот собраниски состав.
Стручњаците велат дека веродостојноста на резултатите на полиграфот е до 97 проценти, а во последните 20 години постигнати се завидни резултати во однос на примената на научните постигнувања.
И покрај поддршката од поранешни антикорупционери, синдикалци и претставници на бизнис секторот, идејата за полиграфско тестирање, според директорот на Царина, Стефан Богоев, нема да го реши проблемот со корупцијата.
Во интервју за Радио Слободна Европа, тој призна дека има корупција меѓу цариниците, но сепак смета дека полиграфот не е решение за корупцијата во редовите на царина.
„И покрај тоа што веќе имам кажано дека оставам стручната јавност да одлучува во делот на полиграфското тестирање и колку точност има полиграфот бидејќи ако на некого врз основа на тоа му го прекинете договорот, а тој нема 100% точност можете навистина некому животот да му го уништите. Се работи за човечки судбини, не е само да го прекинеме договорот за работа. Ако го прекинеме врз основа на полиграф, односно врз презумција дека вие сте криминалец тоа значи многу повеќе за човек и за неговото семејство отколку само прекинување на работниот однос“, додаде Богоев.
Вања Мицевска