„Немавме грешки за стратешките прашања, но за некои политики или кадровски одлуки имавме. Нашето најголемо потфрлање беше што застанавме на половина пат во реализација на клучниот слоган на Шарената револуција ‘Нема правда – нема мир’. Во оваа смисла, не може да го вратиме времето назад, но нужно е да се обврземе на целосен ветинг на сите судии и обвинители и пред се, на нас, политичарите“ рече претседателот Стево Пендаровски на конвецијата за промоција на кандидатурата за втор мандат.
Тој додаде дека сите кои намерно држат предмети во фиоки со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони треба да бидат разрешени и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политички функции.
„Слушам дека и опозицијата најавува ветинг на политичарите. Бараат надлежните органи да испитале дали било кој од нас, несразмерно го зголемил имотот. Го поддржувам овој предлог и додавам уште еден параграф. Да го провериме нашиот имот и имотот на нашите блиски, не само во изминатите пет години, туку од 90 до денес, па да видиме дали ќе го поминат тој тест оние кои ги кршеа санкциите на ОН против тогашна Југославија и без закон за национализација присвојуваа национализиран имот за себе“ рече Пендаровски.