Руската домашна разузнавачка служба ФСБ денеска соопшти дека спречила обид на Украина да шверцува експлозиви во Русија.
Како што пренесе ДПА, експлозивот бил скриен во православни икони и други предмети за црковна употреба, соопшти ФСБ во Москва.
Нема независна потврда за овие информации, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков упати обвинувања кон Украина.
– Ова е уште еден загрижувачки сигнал кој вешто ги покажува терористичките методи што ги користи режимот во Киев, рече Песков.
ФСБ соопшти дека иконите од Украина, преполни со експлозиви, биле запленети во автомобил на границата меѓу Летонија и Русија. Автомобилот претходно патувал од Украина преку Романија, Унгарија, Словачка, Полска и Литванија.
Во соопштението се додава дека се откриени 27 експлозивни направи маскирани како икони, 70 килограми пластичен експлозив и 91 детонатор.