За три часа се најдовме во 2134 година и замислете има само една промена- сме победиле на Евровизија и, според правилата се организира во Македонија! Сето останато е исто, местенка на победникот, се фрли лопата и за старт на Евросонг, како што се фрла за се и сешто, доушници, инсајдерски информации.., се она што го отсликува нашето сегашно живеење.
Но, со надеж дека до тогаш нешто ќе се смени, ова беше само добро познатото шоу „Глумците пеат“, кое ова година беше со тема- што би било ако Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134 година, а се одржа вчера вечерта во Националната опера и балет (НОБ).
Ова, по 17 години возобновено шоу, чиј идеен творец е сега веќе покојниот актер Марин Бабиќ, а се одржува по повод светскиот ден на театарот, ги оправда сите очекувања на публиката, која со големи аплаузи ги поздравуваше учесниците, кои ги играа улогите на домашни и странски пејачи со 27 познати хитови.
На сцената видовме помлади и веќе докажани актерски имиња како Весна Петрушевска која настапи со децата од нејзината актерска школа, Тања Кочовска, Калина Наумовска, Нина Деан, Гордана Ендровска, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Наталија Теодосиевска, Жарко Димовски, Тина Трпковска, Бојан Стојков, Арна Шијак, Жаки Стефковска, Маја Андоновска- Илијевски, Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Петар Горко, Дритон Вејсели, Бајрам Северџан…
Слушнавме домашни, екс ју и странски евровизиски песни меѓу кои „Проуд“ (Горда), ХХЛ и „100 посто те љубам“, „Life3 од Тоше Проески, но и групата „Рива“ со „Rock Me“, која на Југославија и донесе победа во 1989 година, па Тајчи, „Нови фосили“, Жељко Јокисмовиќ, Руслана, групата „Атена“, „Ацукар морено“, Сертаб Еренер, АББА, Бурановские бабушки и многу други.
А дека не е лесно да се организира оваа европска манифестација покажаа водителите Миланка Рашиќ и актерот Горан Ников. Низ комично сценарио укажаа на многу пречки со кои ќе се соочиме доколку навистина ни се падне овој к’смет- немаме сала, немаме капацитет каде да ги сместиме европјаните, но и ќе успееме ли да ги нахраниме како што треба. Не е непотизам, но за храната ќе се погрижат тетките на Миланка и Горан од Струмица и Куманово, сместувањето да биде по кужи, а од инсајдесрки информации водителот Горан дозна дека Универзална сала ќе биде готова до 2131 година.
Актерката и пејачка Тања Кочовска ја насмеа публиката проверувајки ја издржливоста на столчињата, но и со изведба на „Бандидо“, Жарко Димовски како Здравко Чолиќ, Арна Шијак како Констракта, Рубенс Муратовски не потсети на Евровизија во Истанбул, но не помалку добри беа и останатите кои заслужено си ги добија овациите.
И како и на Евросонг се одржа гласање, кое секако на крајот место да победи најдобриот беше наместено, па откако на водителот му јавија „од горе“, победи Бајрам Северџан со песната од Тото Кутуњо „Заедно“ ((Insieme) со која побди во 1992, кој се одржа во Загреб и повика на обединување на Европа.
Беше шоу кое ги заслужува сите епитети и благодарност до Маја и Ира, кои ја продолжија мисијата на нивниот татко.
Шоуто ќе има реприза вечер, кога на истото место од 20 часот ќе се одржи уште една генерална проба на евросонг 2134 година.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски