Македонија е загрозена од различни загадувачи. Загадувањето на воздухот е едно од највисоките во Европа, големата количина на отпад не се рециклира, се влошува квалитетот на водите, има прекумерна сеча на шумите, биодиверзитетот е загрозен од истребување, а климатските промени влијаат на производството на храна.
Во ваквата растечка еколошка криза, јавните институции, бизнисите, граѓанските организации, медиумите и академскиот сектор треба сè повеќе да преземаат одговорност за своите постапки и да комуницираат за животната средина. На тој начин, ќе се подигне свеста и разбирањето за сложените еколошки прашања, што пак ќе ја зајакне улогата на граѓаните и организациите во зачувувањето на животната средина.
Ова се заклучоците од конференцијата „Како да комуницираме за животната средина во растечката еколошка криза: практични искуства и нови перспективи”, која Институтот за комуникациски студии ја организираше денеска.
Во воведното обраќање, Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС, изјави дека ефективната комуникација може да помогне во застапувањето за политики, промената на однесувањето кај луѓето, решавањето на конфликтите и донесувањето на законите во областа на животната средина.
„Комуникацијата за животната средина опфаќа многу нешта – известување за поплави или за пластичен отпад во локалните речни корита, граѓански ангажман и активизам против нова електрана или рударење, вклучување на јавноста во носењето на одлуките за животната средина, преземање одговорност за заштита на животната средина од страна на компаниите, политичката реторика и комуницирањето на научните сознанија. Затоа, ајде да зборуваме повеќе за животната средина! Бидејќи вклученоста на граѓаните во управувањето и заштитата на природните ресурси во голема мера зависи од нивното ниво на свесност за еколошките прашања”, изјави Андонов.
Претседателот на Меѓународната асоцијација за комуникација за животна средина, Стив Депо вели дека од една страна е реториката што го подржува прекумерното искористување на ресурсите и профитот и е скептична кон науката и одржливоста.
Од друга страна пак, се оние кои зборуваат за климатски вонредни состојби и егзистенцијални закани со емоции на гнев и страв. Многу помалку е застапена реторика за животната средина заснована на научно толкување и значење.
„Комуникацијата за животната средина се појавува како академска дисциплина за решавање на кризи и преземање на дејствија. Таа секогаш била перцепирана како реакција на итните проблеми зашто сите кои ја проучувале комуникацијата се вклучиле и во застапување на прашања поврзани со животната средина во својата локална заедница или пошироко. Другата одредница која ја опфаќа комуникацијата е грижата за животната средина, еколошката правда но и проектирање на раст и негување на отпорност кон промените”, изјави Депо.
Важно е активистите, јавните службеници, научниците, новинарите и професионалните комуникатори да умеат правилно да ги адресираат, истражуваат, објаснуваат и шират информациите за еколошките проблеми до широката публика.
Во оваа насока, Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го пренесе искуството со афирмирањето на заштитата на Балканскиот рис во јавноста, но и како природните симболи можат да се користат за национално брендирање.
„Од пред 18 години започната е најдологорочната програма за закрепнување на балканскиот рис. Податоците кои ги добивме со заловување на рисовите ни помагаат во изработка на акционите и конзерваторските планови за заштита на рисот, а следната етапа ќе биде насочена кон засилување на генетиката на рисот”, изјави Меловски.
Тој кажа дека моментално има меѓу 35-40 возрасни единки на балканскиот рис но за нивна заштита потребно е да се направи многу повеќе.
Природните ресурси треба да се третираат така што светот ќе може да ги задоволи потребите на сегашноста без да се загрозат идните генерации да ги задоволат нивните потреби. Затоа и младите луѓе треба да се инспирираат да бараат решенија и нови приоди кон прашањата поврзани со животната средина.
„Ни требаат идни генерации кои ја разбираат оваа проблематика и што ќе имаат развиена свест. Ние се обидуваме на разбирлив начин да им ги претставиме еколошките проблеми за да избегнеме кај нив да се јави еко анксиозност-кога не знаат како треба да постапат во врска со овие горливи проблеми. Предизвиците со животната средина бараат заеднички настап и на граѓаните и на институциите и ние се обидуваме тоа да им го објасниме за да знаат младите каде и како можат да реагираат”, посочи Мила Јовановска од „Гоу грин”.
На конференцијата се зборуваше и за тоа дека треба да се промовираат решенија засновани на природата за да се изградат климатски отпорни заедници, компаниите да се позиционираат подобро со еколошка одговорност и одржливост, а медиумите и влијателните лица на социјалните мрежи да помогнат во разбирањето и решавањето на еколошките проблеми.
Конференцијата се реализираше во рамките на проектот „Популаризација на комуникацијата за животната средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со универзитетите во Нови Сад, Загреб, Сараево и Тирана. Проектот е финансиран од програмата ЕРАЗМУС+ преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.