Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва на конгрес презентираше делови од програмата на партијата за парламентарните избори 2024, а ги соопшти и носителите и ко-носителите на изборните листи. На 28. Конгрес на партијата треба да бидат потврдени кандидатските листи, кои беа утврдени во текот на денот на седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата.
Ковачевски соопшти дека тој е носител на листата на партијата и коалицијата во Првата изборна единица ко-носителка Моника Зајкова од ЛДП, во Втората изборна единица Оливер Спасовски и ко-носител Фатмир Битиќи, во Третата Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, во четворката Венко Филипче и Јована Тренчевска, во петката Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојчевска, додека во Шестата изборна единица листата на СДСМ ќе ја ја предводи Славјанка Петровска а зад неа е Агрон Демири.
-СДСМ на овие избори ќе понуди луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на граѓаните и ќе го забрзаат развојот на државата, рече Ковачевски.
Целата наша работа и посветеност, нагласи тој, беше и е во насока на тоа земјата што поскоро да стане членка на ЕУ.
– На своја кожа почуствував дека ЕУ не беше секогаш фер кон нас, но дали тоа значи дека треба да се откажеме, рече, меѓу другото, Ковачевски.