Хрватското специјално обвинителство за сузбивање на корупција и организиран криминал поднесе обвинение против пејачот Тони Цетински затоа што беше откриено дека користел лажен сертификат за вакцинација против коронавирусот, објави веб-страницата „Империјал“.
Според нивните сознанија, од документите што ги објавиле, заменик-обвинителот Вјекослав Шаулиќ на 28 декември 2023 година до Жупанискиот суд во Загреб испратил обвинение против 18 лица, меѓу кои и познатиот пејач.
Тоа е ново обвинение во кое осомничените се товарат дека платиле за да добијат лажни потврди дека се вакцинирани против Ковид и со тоа да се стекнат со право на дигитална ЕУ-пропусница за ковид.
Обвинетите се товарат дека му дале пари на посредникот Иван Џелалија, така што медицинската сестра Петра Румиха, која тогаш работела во Здравствениот дом Загреб и била овластена да пристапува и да внесува податоци во информацискиот систем на Министерството за здравство, лажно внесувала информацијата дека обвинетите биле вакцинирани.
Според обвинението, посредникот за таа незаконска услуга добил различни суми на пари, па некои обвинети платиле сума од 265 евра, некои 200, а некои 100 евра.
Обвинетите се бранеле на различни начини. Некои го негираа делото, некои веднаш го признаа, има и такви кои се спротивставија.
Како што понатаму пишува порталот „Империјал“ во обвинението е наведено дека пејачот е одликуван со Орден на Даница Хрватска, дека нема осуди и дека против него не се води друга постапка.
Не објавија како Цетински се бранел од кривичното дело што за кое е обвинет. Тони Цетински преку својот ПР изјавил дека не знае ништо во врска со тоа.