Брзи мотори, специјалци со автоматски пушки, полиграф се дел од сцените на најновиот видеоспот на музичката ѕвезда Влатко Лозаноски – Лозано за неговата најнова песна „Бариера.
Пред само еден месец откако популарниот Лозано ја објави песната „Маскенбал, вчера на социјалните мрежи ја промовираше токму „Бариера, која покрај на Јутјуб, ќе ја има и на сите останати музички платформи.
И на оваа нова песна на Лозано како автори се потпишуваат тандемот Лазар и Магдалена Цветковски, додека пак спотот е дело на момците од „Урбан Рекордс. Покрај Лозано, во видеоспотот се појавуваат уште неколкумина статисти, а главната улога ја има преубавата Луна Декиќ Стефаноска, која одлично се снајде во приказната на овој најнов музички проект..
Инаку оваа песна на некој начин е продолжение на стилот од песната „После полноќ, која беше издадена минатата година, нумери во кој го има оној звук од добрите 80-ти години… Она што е важно да се потенцира е дека „Бариера е песна која е поделена во неколку музички форми каде се прикажани гласовните вештини на Лозано, како и уметничките способности на Лазар. Токму Лазар, Лозано и Ена наназад низ годините, а особено сега творат и создаваат за сите конзументи и слушатели.
Токму поради тоа стилот е различен во повеќето нивни песни, но звукот и печатот е претпознатлив уште на прво слушање. Ова е втора песна на Лозано во рок од еден месец и претставува само најава за она што следува, а ќе следуваат уште многу песни, спотови, музички проекти, соработки, настапи, концерти…