Позитивен, отворен и искрен, вака го доживуваат граѓаните Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на Куманово и кандидат за претседател на Македонија. Од 2021 година, кога реши како независен да ја продолжи политичката кариера и за еден ден успеа да ги собере гласовите на кумановчани, Максо, како што го викаат неговите сограѓани, добива само позитивни критики. И сега кога пред претстојните избори, разочарано граѓаните велат „сите политичари се исти“, тој тврди дека „не сме сите исти“,најавува позитивна кампања и вели дека нема да учествува во црни кампањи, бидејќи му е поважно што велат граѓаните, а не политичарите.
„На сите им се полни устата со убави зборови и ветувања, но на крајот на денот секоја година е се полоша и полоша од претходната“, вели тој и додава дека е тука за да ја врати довербата и конечно Македонија да стане државка каква што треба да е.
Димитриевски е семеен човек, татко на три деца и на сите им посакува да имаат среќно семејство, какво што има тој. Но, додава „јас не можам да бидам среќен, кога гледам несреќни луѓе околу мене“.
Со Димитриевски разговаравме во неговото Куманово, подготвен е да не биде татко на градот и доколку ја добие поддршката да стане татко на граѓаните на Македонија. Дали ќе успее тоа што го зборува да го преточи во дела не се знае. Тој верува и има причина за тоа, барем така вели во отворениот разговор за ММС.
Годинава во трката за претседател на Македонија влегоа дури тројца градоначалници. Попримамлива ли е претседателската фунција или веќе надмината,бидејќи сите тројца сте со повеќе градоначалнички мандати? Зошто Вие се кандидирвте?
-Оваа председатеска трка дефинитивно ќе биде лидерска трка каде легитимно е да се побара, како успешен градоначалник, кој научи како да го менаџира Куманово како една мултиетничка средина, па да менаџира и на ниво на држава и да биде реален претставник од граѓаните. Без никакво политичко влијание од надвор ниту, пак, заложник на било какви политики на политички субјекти.
Граѓаните велат дека сите политичари се исти. Вие во настапите велите -не се сите исти. Со што ќе се покажете поразличен од сите други за да ги освоите нивните симпатии, пред се за да ви веруваат? Во овие 30 години тие се изгорени, со изгубена доверба во политичарите.
-Дефинитивно не сме сите исти. Тоа го потврдивме на локално ниво, а тоа ќе го потврдиме на претстојните претседателски и парламентарни избори на централно ниво. Јас сум кандидат кој излегува од една нова политичка партија, која што се уште не е развиена на цела територија на државата, претежно со членови и подржувачи кои доаѓаат од реалниот граѓански сектор и се чувствувам себе си за кандидат на граѓаните. Мојата цел е да бидам претседател на Македонија, кој што во прв план ќе ги има граѓаните, ќе биде столб и гарант на уставноста на државата. Секогаш во прв план ќе ги има граѓанските потреби, а не потребите на политиката. Никогаш нема да потпишам закон кој се носи против волјата на мнозинството на граѓаните и секогаш ќе го искористам правото да биде вратен на повторно разгледување, бидејќи тоа е демократија.
Граѓаните заслужуваат нов профил на претседател кој достоинствено ќе ги претставува како на домашен, уште повеќе на меѓународен план и кој ќе се заложи за креирање на професионална дипломатија, која за жал во моментов ја нема. Исто така ќе се борам за кревање на стандардите на нашата армија која е стожер и го гарантира уставниот поредок на Македонија. Многу е битно кој ќе биде претстедател и дали тој ќе биде само продолжена рака на политичките партии или, пак, ќе застапува ставови со кои ќе се сложува мнозинството на граѓаните, без оглед на која етничка заедница припаѓа. Со мојот начин на менаџирање на локално ниво покажав дека граѓаните не ги делам ниту по етнички, верски или политичка припадност, туку работам за сите. И тоа ќе го применам и при евнентуалниот избор за следен претседател на Македонија.
Скоро сите од канидатите се сложија дека функцијата претседател е маргинализирана и продолжена рака на партиите. Како ќе успеете да ја воздигнете оваа функција?
-Не би се сложил дека функцијата претседател е маргинализирана, бидејќи својата сила ја влече од непосредната и дирекна поддршка од граѓаните, затоа и се избира непосредно. Претседателот има свои надлежности, согласно Уставот, кои се големи, но сепак, ние сме парламентарна демократија или парламентарна Република, каде парламентот го има последниот збор во креирање на законодавството. За жал во Македонија законот претставува желба на политичката елита која е на власт, а не збир на правни прописи и правила кои што треба да ги регулираат односите во државата.Мислам дека добар пример е Србија, која има многу сличен Устав, но каде самиот претседател со неговиот авторитет има и тоа како битна улога во нивното општество и држава. Зошто тоа да го нема и Македонија. Имаме примери и од Бугарија и другите соседни држави. Сепак, позицијата претседател не го чини човекот, кој што е избран, туку човекот кој што е на функција, а избран од граѓаните со мнозинство на гласови ја чини таа фунцкија, неговиот карактер, авторитет и интегритет.
Во настапите останатите кандидати, па и политичките партии велат- „се за граѓаните“. Во Вашите настапи вие велите-„ се за обичниот граѓанин“. Што е разликата? Мислите ли дека граѓаните, после толку години не препознаваат дека „се за граѓаните“ е само за пред избори, а подоцна не важи, заборавени се?
-Сведоци сме дека од страна на досегашнити политички елити граѓанинот најповеќе се користи во предизборниот период, а потоа по завршување на изборите се заборава, така се до следните избори. Кога ќе кажам „обичен граѓанин“ мислам на оној кој не припаѓа никаде, кој не е определен, кој не е член на политички субјект и кој во моментов е најобесправен, бидејќи и едните и другите низ призмите на своите политички структури изнаоѓаат соодветни решенија како да се адаптираат во овој конфузен систем кој е прилагоден во функција на елитите кои го владеат. А сведоци сме дека во последните три децении тоа се менува меѓу два политички субјекти од македонскиот блок и ДУИ, од моноетничката албанска партија. Сите кои се вклучени во активизмот во тие партии првенствено имаат некоја шанса додека останатите, „обичниот граѓанин“ се оставени сами на себе си. Еве јас заедно со активистите во движењето ЗНАМ се ставам во функција на тие граѓани, но и на сите оние лојални граѓани кои и се немаат замерено на Македонија Да се обидеме заедно на следните избори да покажеме дека може да биде и поразлично. И верувам дека тоа ќе се случи.
Сме виделе досега колку се валкани кампањите. Па и сега, уште официјално кампањата не е почната, валканиците излегуваат на површина. Како ќе се справите со ова, бидејќи кампањата ја најавувате како позитивна?
-Ние ќе продолжиме со тој пристап. Моја обврска, како јавна личност, е да бидам максимално отворен со граѓаните и со нив индирекно преку вас новинарите или дирекно да комуницирам. Нема да бидеме вклучени во црните кампањи иако не очекувам фер- плеј кампања, бидејќи самиот закон во делот на финансирање на кандидатите и политичките субјекти не дава еднакви права и можности на сите да се наптреваруваат на фер начин. Сепак, мислам дека граѓаните се свесни на состојбата и условите во кои што живеат и повеќе од потребно е во моментов да се случат одредени промени за да ги охрабрат нив самите на следните избори да бидат уште поодважни и да направат суштинска промена. Време е одредени политички елити да заминат во историјата и да гледаме нови луѓе кои ќе размислуваат прогресивно и ќе дадат нова надеж на граѓаните. Во спротивно ќе останеме оскудни со млади луѓе и ќе немаме со кого да ја придвижиме државата напред.
Во еден од вашите настапи велите: „јас не можам да бидам среќен, кога гледам несреќни луѓе околу мене“! На што се Ви се пожалија граѓаните за да го кажете ова?
-Со секоја реализација на било каков проект на локално ниво гледам дека луѓето се среќни за нешто што е моја или наша секојдневна обврска и работна задача, што дополнително ме мотивира да работам уште повеќе. За жал, има многу несреќни луѓе во државата. Првенствено се несреќни затоа што не живеат во држава која има изградено систем, туку држава во која се постапува селективно. Држава која не отвара алтернативи, а обврската на нас политичарите е токму таа, да ја изменаџираме да биде функционална за сопствените граѓани и да наликува на современа модерна држава. На сите им се полни устата со убави зборови и ветувања, но на крајот на денот секоја година е се полоша и полоша од претходната.
Македонија како држава стагнира, без разлика на одредени позитивни статистички анализи и бројки кои од квази експерти ни се претставуваат во јавноста, особено од власта дека надминуваме одредени бројки на подобро во однос на минатото. Треба да се излезе со реален пресек на состојбите, да се донесат сериозни заклучоци и стратешки да се испланира како Македонија ќе стане самоодржлива држава со рамномерен економски раст и развој кој мора да биде и одржлив. Здравство за секого, образование по националните потреби, бидејќи ние нашите кадри мора да ги едуцираме за тука, а не за странство. Да гарантираме правда на сите, но и казнивост за сите, а не селективна правда или наменска правда како што ја има во моментов.
На локално ниво добивте поддршка од Албанците. Но, сега е сосема поинаку, ДУИ има свој кандидат, опозицијата исто така. Како планирате сега да ги освоите гласовите од Албанците?
-Гласовите јас не ги делам на македонски или албански. Тие се гласови од граѓани на Македонија. За жал се уште во Македонија се гласа по етнички клуч и многу мал дел од граѓаните гласаат со граѓански пристап. При постапката за прибирање на поддршка, гледам дека имам поддршка од сите националности и тоа ме прави среќен. Мојот пример за менаџирање на едно мултиетничко Куманово, кое е Македонија во мало, сакам да го афирмирам и потврдам и на централно ниво од позиција на претседател на држава, претседател на сите граѓани на Макеоднија, вклучувајќи го и македонскиот народ и сите припадници на останатите етнички заедници.
Во Куманово велат „Максо е наш Тито“. Колку ви годи споредувањето со Тито, а и роден сте на „29 Номври“, роденденот на СФРЈ?
-Куманово е специфична средина, секогаш со една централно лева провиненција и овој град беше изграден токму во тој период, во претпоследниот век, кој од една касаба прерасна во модерен и убав центар. Кумановци го почитуваат тоа. Па и во Македонија се беше изградено до 90тите. Граѓаните тоа го ценат и го вреднуваат. Доколку впечатоците на моите сограѓани се такви, ме импонира, ми значи. Јас го почитувам ликот и делото на Тито, но сметам дека имал и свои пропусти во делот на неговото владеење. Но, кој, пак, ги нема. Сепак, ние Македонците мора да се сложиме со историскиот факт дека направивме држава прв пат во тој период, благодарејќи на поддршката на тогашниот систем, поранешната Комунистичка партија на Југославија, која ја призна Комунистичката партија на Македонија. Многу години претходно пред да се создаде асномска Македонија. А тоа е резултат на Крушевскиот манифест и идеали кои поддоцна беа потврдени со АСНОМ и дефинитивно бетонирани со удирање на темелите на независна Македонија на осми септември.
Од каде доаѓа таа Ваша упорност и борбеност? Од гените на вашата баба Радојка која била борец или..?
-Многу членови во семејството беа учесници во НОБ особено од страната на мајка ми. Имаме и паднати борци. Ние сме горди на тоа, како семејство кое е многубројно. Потекнувам од занаетчиско-земјоделско семејство и можеби сум еден од ретките кој успеал во политиката, а не бил роднина на некој поранешен или висок политичар или носител на јавна фунцкија. Упорноста се стекнува низ самиот живот, така ме учеа дома. За се што имавме моравме многу упорно да работиме и да се помачиме. А темпераментот е дефинитивно дух на народот меѓу кој живееме. Такви се кумановчани. Карактерните црти се градат, но и генетиката си го прави своето. Баба ми е 96 годишна жена, жива и здрава и посакувам да ни биде уште жива и здрава. Да биде како нејзиниот чукун дедо Дуко кој живеел 108 години. Баба ми има 96 и е една од учесниците на битката на Дрвар.
Преселена е од Краина тука по Втората светска војна, а се запознаваат со дедо ми, бидејќи и тој е учесник во НОБ. Имаат пет здрави и прави деца. Семејството на татко ми потекнува од регионот на криворечието, на Крива Паланка и Кратово. И сум горд и на тие корени. Многу вредни луѓе се. Се занимавале уште пред повеќе од еден век со претприемништво и градежништво. Куманово е град на раскрсница каде се мешаат многу култури и навики и убаво е да примите од сите особини за да го збогатите и личниот карактер и искуството со нови нешта. Мултикултурализмот е тоа богатство, да може да го споделите со останатите дополнителни вредности и со тоа да бидете поцврст, поедуциран, да се стекнето со поголемо искуство. Навистина ми е чест што сум роден во Куманово или во Македонија, која е исклучителна земја, на која за жал не знаеме да ги искорстиме нејзините убавини и природни ресурси кои се во изобилие, тргнувајки од сонцето, почвата, поднебјето, климата и нејзината геостратешка положба.
-Кога веќе зборуваме за богатството, колку е богат Димитриевски?
-Прво се чувствувам богат бидејки имам среќно семејство и му посакувам на секој човек во државата да го има. Имам сопруга и три деца и секој се разгранува во своја насока во жиотот. Но, материјалното богатство никогаш не ми значело ништо особено. Има одреден имот кој се пренесува од колено на колено и тоа е традиција во семејството. Дополнително и ние создаваме и твориме цел живот. Мојата целосна имотна состојба е средо ситуиран која е јавно прикажана согласно законот и може да се види секаде. Сметам дека не е срамота да се има. Срамота е да се злоупотребува и да не се овозможува на останатите да имаат. За да живееме во едно праведно општество мора да се потрудиме да им обезбедиме еднакви права и можности на сите.
Колу семејството трпи поради вашите обврски и колку ви дава поддршка?
-Имам огромна поддршка од сопругата, огромно разбирање од децата. Исто така и од родителите , роднините, пријателите и тоа многу ми значи, бидејќи оваа професија за која се определив доколку сакате да ја терате согласно правилата и прописите и законите кои се на сила е многу тешка, бидејќи се соочувате со секојдневни предизвици, голем број интриги, подметнувања, делување од страна на поединци кои се моќни во системот и кои всушност ја заробија или продолжуваат да ја заробуваат и приватизираат државата. Но, заедно со моите истомисленици, бидејќи јас како поединец сам не можам ништо, со огромниот тим на луѓе мотивирани заедно за заедничките заложби сметам дека ќе успееме да ги смениме нештата во државата. Еве и јавно можам да ветам дека после овие избори во Македонија никогаш повеќе нема да биде исто.
Дали сте подготвени роденденот годинава да го славите во вилата на Водно?
-Вилата на Водно не ми е предизвик, бидејќи таа вила како објект е значајна за нас како граѓани од симболиката што ја дава. Многу е поважно кој ќе раководи со позицијата претседател на државата и дали граѓаните ќе бидат среќни по нивниот избор. Доколку секој граѓанин се поистовети со личноста за кого ќе ја даде поддршката и има силна верба во него, а дополнително не биде разочаран од тој кој ќе го избере сметам дека ќе се направи вистинската одлука. Што се однесува до роденденот вообичаео го славам во семејна атмосфера, но можеби овој пат да размислувам и за било каква прослава. Многу помалку битна е прославата на роденденот, нема да се враќаме во некои минати времиња, ние сме демократско општество. Судбината била таква да се родам на еден таков јубилеен ден, кој некои во минатото го дефеиниравме како ден на државноста, а многу и како свињокољ. Хахаххаа….
Вашите деца се големи и ја сваќаат вашата работа, дали некој од нив има политички амбиции или се во некој сосема друг филм?
-Среќен сум што се присутни покрј мене и покрај сопругата. Милан(22) е свој човек, студира и работи во Скопје, живее под кирија заедно со девојката и му посакувам успех. Вероника(19) студира архтектура и многу е слична на мене и по карактер и во особините, додека Димитрар на 16 години се занимава со музика, учи во гимназија во Куманово. Дали ќе се вклучат во политика не знам. Јас ги охрабрувам сите млади луѓе да се вклучат. Бидејќи со општествено делување се постигнува повисоко ниво на квалитет на кадри во општеството. А единствено правилните кадри може да ја изнесат тежината на трансформација на Македонија од една запоставена, приватизирана и узурпирана држава во соверемена, модерна држава по европски терк.
Паралелно со претседателските се и парламентарните избори. Колку пратенички мест очекувате?
-Не лицитирам со број на пратенички места, но сигурен сум дека ЗНАМ по овие парламентарни избори ќе биде новата политичка сила на нашиот политички простор која дефинитивно ќе ги донесе час поскоро и суштинските промени на македонската политичка сцена.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски