Пасошите за транспортерите се предадени во МВР – соопшти денеска министерот за транспорт и врски во техничката влада, Благој Бочварски.
Според него, овие пасоши се веќе предадени во работа во соодветнте управни служби од каде ќе стапат во контакт со лицата кои се заинтересирани да добијат патни исправи во наредните денови.
Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден од здруженијата на транспортерите добиле уште една листа за околу дваесетина лица кои треба да ги добијат пасошите преку така наречената „брза лента“ за да можат непречено да работат.
-Уште еднаш апелирам до транспортерите, на тие кои им истекуваат пасошите или им се истечени, веднаш да се обратат до здруженијата на траспортерите и да се вклучиме и да им помогнеме, истакна Бочварски.
Инаку, на средбата на министерот со здруженијата на транспортерите, што се одржа пред неколку денови во Струмица, беше договорено барањата за издавање на пасоши за возачите да тече преку „брзата лента“, а списоците за околу 120 возачи беа предадени во МВР.