„Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“ – е мотото на годинашниов осмомартовски марш кој ќе се одржи во Скопје.
Граѓанскиот сектор информираше дека маршот ќе почне во 17 часот на плоштадот Скендербег. Невладините повикаа на марш за колективна акција во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост.
-Овој марш претставува протестен одраз против ситуацијата во нашата земја, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија кои нè засегаат сите, а особено ги погодуваат жените. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права – се влеи во повикот од невладините.
-Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности – пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност – во сите сегменти од нашето постоење – порачуваат организациите.
Тие велат дека изразуваат солидарност и до своите соборнички во Загреб, Сараево, Белград, Приштина, Подгорица, Тирана, Љубљана, кои се соочуваат со истите неправди и додаваат дека регионалната поддршка и соработка ќе помогне заеднички да се надминат препреките.
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.
Маршираме заедно во петок – 8-ми Март во 17 часот на плоштадот Скендербег каде ќе ја започнеме нашата рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите, се додава во повикот од организациите.