Мудра, амбициозна и отворена, таква е професорката Билјана Ванковска, која ги собра потписите и официјано е кандидат за претседател на Македонија. Поради нејзината остроумност таа е посакуван соговорник, не само сега, туку и додека ги чекорела скалилата кон успехот. Таа е своја на своето и успешно се снаоѓа во светот на мажите, бидејќи, како што вели, е „мала по раст, ама бестрашна и способна“.
Отворено за ММС прозборе за кандидатурата, односно по што ќе биде поразлична од останатите, за жените во политиката, плановите доколку стане првата жена претседател, секако за поддршката од семејството, за бракот, дали е подготвена да зачекори во вилата на Водно, но и за тоа кој ќе биде „првиот џентлмен“.
Што мислите, дали бројот на потписите ја отсликуваат реалната состојба која ќе се случи на претседателските избори?
БВ: Сцените кои ги видовме викендов кога т.н. големи партии организирано собираа потписи за Силјановска Давкова и Пендаровски ја потврди тезата која веќе ја имав кажано: алфа-мажјаците сакаат да си ја мерат силата, дури и кога е тоа непотребно. Наместо сила, манифестираа колку се гладни за власт и колку не ги почитуваат граѓаните. Нивната директива беше упатена до членството, па дури и огромни пари се потрошија за автобуси, нотари (на коалициски блиски партии) и сл. Јас добивав пораки на членови кои ми кажаа дека за да го одбегнат тоа понижување, тие веќе однапред дале потпис за мене. Другиот впечаток кој го оставија е дека можеле, ама не сакале да ја искористат таа „мобилизирачка моќ“ за некои други општествени акции (за онкологија на пример, кога дури и праќаа пораки „не излегувајте, ова не се наши протести).
Да не зборувам за Преспанскиот договор, промената на уставот, францускиот предлог. Но, ова е стар феномен во кој „големите“ им се потсмеваат на сите оние кои ги сметаат за натрапници (или како што бев етикетирана од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – измеќари). Силите ќе си ги мериме на избори, кога зад параванот граѓаните слободно и без принуда ќе го дадат гласот на оној кому му веруваат.
Со што ќе бидете поразлична за да ги убедите луѓето да гласаат? Која ќе биде новината во Вашата програма, освен излезот од НАТО?
БВ: Во кусо интервју не можам да ви ги набројам сите поинакви позиции што ќе ги застапувам, но ветувам дека нема да зборувам за „европеизација“, за „Копенхашки критериуми“, за „длабоки реформи“ – нема да користам истрошени фрази. Всушност, нема да користам фрази туку нештата ќе ги кажам директно. Ако дијагнозата е дека за изминатите 20-тина години Македонија тоне под тежината на „измеќарството“ на политичките елити пред сите странци, освен пред својот народ, тогаш терапијата ќе биде ослободување од сето она што нè влече удолу: Охридски, Преспански и Бугарски договор. Мојата програма е втемелена на мерки кои значат мултивекторска надворешна политика, ослободување од поданичкиот однос кон странските центри на моќ, создавање пријателства а не фаќање страна во геополитички зони на моќ кои одобруваат геноцид и поттикнуваат војни. Ќе ја расклопам идејата дека „немаме друга алтернатива“ и дека „НАТО ќе нè брани, а ЕУ ќе нè храни“. Суверенитетот на Македонија извира од нас, а јас ќе се водам од таа мисла.
За разлика од други години, овој пат се чини ќе има две жени кандидатки, иако треба да се почека до осми март. Дали сметате дека е време за жена за претседател, но и колку ќе се снајде во државава, каде има застапеност на жените, но се чини како да се повеќе за квота?
БВ: Ќе ве изненадам можеби, или дури и разочарам, ама јас себе не се ставам во групата на „жени“ наспроти “мажи“. Јас сум личност – мала по раст, ама бестрашна и способна. Можеби поради моето воспитување и еманципација која во времето кога растев беше најнормалната работа во животот, никогаш не сум играла на „женска карта“. Битна е личноста, а таа треба да биде бескомпромисна, ментално и интелектуално силна, решителна и брза во носењето важни одлуки и да заслужува углед и почит поради тоа што чини, а не што зборува. Во академската сфера (главно во областа на безбедноста, конфликтите, меѓународните односи) секогаш сум била окружена со мажи, кои доминираат и таму, но ретко кога ме гледале како жена. Јас сум била и сум еднаква со сите (главно машки) колеги. Во политиката повеќе ми пречи доминацијата на недоветни, полуписмени и арогантни, кои мислат дека политичката дејност им е наследство од дедо им или од Бога, наспроти целосната пасивизација на сите останати, и жени и мажи. Ако допуштат жена да им се доближи, овие во суштина слаби мажи, кои не поднесуваат силни жени/личности, избираат такви кои се женствени, нежни, фини, дотерани, но и послушни пред лидерот – можеби за да ја истакнат својата машкост и заштитнички однос.
Се има впечаток дека жените во политиката овие 30 години иако имаа можност, сепак, нешто посебно не сменија, освен што се обидуваа да бидат поголеми мажи од мажите. Има толку , особено женски проблеми во државава и можеа да придонесат да се решат доколку се здружеа без оглед на партиската припадност. На пример поголемо почитување на жените политичарки, решавање на женски социјални проблеми, заштита на жените од насилство…. Имало министерки и од двете партии што можеле да ги мрднат работите повеќе, но не се изборија. Некако не се покажа женското лоби..
БВ: За волја на вистината се воведоа квоти за да се обезбеди поголемо учество на жените во политиката, но суштински промени нема. Промени нема затоа што не е до простото присуство на жените и женското лоби, туку до корените на општеството поставено по машки принцип. Треба да сфатиме дека постои една длабока структура, која остава далекусежни последици, кои не ги тангираат подеднакво и мажите и жените, оти нивните општествени и индивидуални улоги се различни. Но коренот на проблемот е ист, а дури потоа се реперкуира различно. На пример, тоа што сме колонија на австриски капитал значи обложувалници во кои примарно мажите ги трошат семејните примања, што потоа се одразува како домашно насилство и зголемена сиромаштија од кој жените страдаат повеќе од мажите. Во политичка смисла, го слушав деновиве на еден поткаст лидерот на (како што љуби да каже) најголемата партија во Македонија. И знаете што кажа за огромното учество на жените во политиката на скандинавските држави? Ќе парафразирам: мажите им ја препуштиле политиката на жените, зошто тие имале попаметни работи да прават во бизнисот?! Јас бев вџашена, а кандидираа жена за претседателка!? Но, имавме и премиер кој кажуваше дека жените од неговата фамилија (сите бизнисмени) пред жените не зборувале за тоа, туку ги пуштале во друга соба додека мажите решавале „машки работи“. Дел од вината за ова е и кај жените кои ја прифаќаат филозофијата на политички патријархат и својата подредена положба. Но, да не се залажуваме: да се биде жена, не значи и да се води поинаква, похумана и посензибилна политика. Маргарет Тачер или Ангела Меркел сигурно не се мои идоли, но Роза Луксембург и Веселинка Малинска се нешто друго.
Ова Ви е втор обид за да бидете претседател на Македонија. Што ќе се случи ако и овој пат не успеете? Ќе чекате ли друга прилика, кога ќе созрее времето за жена претседател или можеби кога ќе зајакне третата опција? Иако не личите на човек кој лесно се предава.
БВ: Прво, пред десет години воопшто и не бев кандидат, т.е. ме немаше на гласачкото ливче, а сега сум официјален кандидат и тоа на „третата опција“. Ако на граѓаните не им е преку глава да избираат меѓу „едните“ и “другите“, сега ќе имаат вистинска различна опција. За мене политиката не е „да се биде или не“ – а кога ќе видите од каков „штоф“ биле разните лидери кои нè доведоа до ова дереџе, тогаш баш и не е тешко да станеш функционер. Секако, ако се држиш до линијата која ја зацртале странците… Ние живееме во држава во која и некои ваши колешки пред камера, и без да им трепне окото, велат дека некој не може да биде избран без да го одобри американската амбасада. Тоа не е нормално, тоа не е демократска политика. Да бидеш редовен професор од мој ранг, со моето портфолио, и да дојдеш на таа позиција од дете на работник и домаќинка, за мене е најголемиот успех во животот. Јас сум целосно остварена како личност и научник, но и јавен интелектуалец кој не молчел никогаш; најголемата лична сатисфакција е фактот што сум подигнала три чесни и умни деца, сите три брилијантни доктори на науки. Трката за претседател на Републиката, затоа не ја сфаќам како лична мисија, туку како последното- нешто што можам да го сторам за земјата која бескрајно ја сакам, а која ја погазија недостојни ликови. Тоа ми е единствената мотивација: колку и да е Македонија во очајна состојба, народен претседател, ќе може да ја дигне на нозе. Ова им го должиме на идните генерации. Ако не успеам, си ја имам професурата – и сакам да напишам роман.
Доколку зад кандидатите за претседател не стојат партии, туку настапуваат навистина независно, кого го гледате за конкуренција?
БВ: Искрено, мојата намера е да комуницирам со мојот народ, а не да се впуштам во конкурентска битка со противкандидатите, мажи или жени сеедно, а уште помалку со нивните партиски машинерии. И зад мене стои партија. Јас не сум нејзин член, но за разлика од други, не кријам дека споделуваме иста левичарска идеологија. А тоа е идеологијата и светогледот на мнозинството сиромашни и експлоатирани граѓани. Ако успееме да се „најдеме“, допреме, разбереме – како и да завршат изборите, јас ќе бидам горда на себе што сум била своевиден народен трибун. Ќе го кажувам она што нив ги боли, а не она што ќе им се допадне на странците или другите елити.
Имате неколку битни животни улоги кои бараат секојдневна ангажираност, сега веќе и кандидат за претседател.. Колку е тешко да се постаса и да се биде подеднакво добра во сите?
БВ: Најважните работи во животот ги завршив доста млада (на пример, станав мајка на 23 години, докторирав на 32 со две деца, третата ја родив по докторирањето). Сега сум во помирни води кога можам да го правам она што јас сакам да го правам и кога располагам со животна зрелост и мудрост. Инаку, како дел на одговорот ќе ви кажам дека моите помлади соработници ми велат дека добиваат комплекс од мојата способност да сум „мултитаскинг“ (да работам на повеќе нешта во исто време) и дека им набивам комплекс со моето неисцрпно темпо. Јас на шега им велам дека сум ќерка на жена која дома си ја нарекувавме „атомска мравка“ и која живееше 90 години.
Велат нема успешен брак и успешна кариера. По 17 години брак се разведовте. Заврши љубовта или амбицијата за успешна кариера придонесоа за распаѓање на бракот?
БВ: Ни едното ни другото. Сетете се на почетокот на „Ана Каренина“ за среќата и несреќата во секој брак. Ние си ја имавме нашата, ама пак затоа останавме извонредни родители за нашите деца без оглед на сè. Мојот (иден) сопруг го сретнав на студиите на Правниот факултет, бевме двајцата најдобри во генерацијата. Тој дете од село, јас дете на работник, а најдобри студенти. Така и остана, заедно магистриравме и докториравме, додека мајка ми ни помагаше со домаќинството. И натаму останавме во пријателски односи, но тој си ја оствари кариерата како функционер во ООН. Децата си обезбедија странски стипендии за магистратурите и докторатите, додека јас решив да останам овде (иако една година работев во Женева, но Македонија ми „пресуди“ – мислев дека сум покорисна тука).
Колку имате поддршка од ќерките, што тие велат за Вашата кандидатура?
БВ: Моите деца се навикнати на тоа нивната мајка да е хиперактивна, амбициозна и борбена. Па и оваа вест не ги изненади воопшто. Само ми се чудат од каде ми е силата, хаха. Се радуваат на секој мој успех, како и јас на нивните, но јас за нив останувам мама, што и да сум, каде и да сум.
Колку имате време да се посветите на внукот, како тој реагира на Вашите ангажмани иако живее далеку од Вас?
БВ: Дарио зачекори во 11 година. Бев присутна на неговото раѓање и потоа во наплив на емоции ја напишав една од најубавите и најмоќните колумни досега. Но, наскоро, за неколку недели ќе ја дочекам и првата внука (од средната ќерка) и чувствувам и радост и грижа на совест што наместо да бидам покрај ќерка ми, јас ја спасувам Македонија. Бидејќи сите живеат далеку од мене, јас ја немам привилегијата да им се посветам на внуците и да бидам класична баба. Но, ние сме и онака необично семејство (на амазонки, како што си се нарекуваме), па и кога ме боли што не сум поблизу до нив, длабоко во себе знам дека сум пораснала личности кои имаат крилја и кои сами си го избираат патот и стилот во животот. Убедена сум дека моите внуци, колку и да ги имам, ќе знаат дека имале баба со која ќе се гордеат.
Велат силните и успешни жени најчесто се сами, бидејќи тешко наоѓаат партнер кој може да им парира. Како Вие стоите на емотивен план? Кој Ви го окупира вниманието?
БВ: Хаха, тоа е точна констатација! Ретко кој маж може покрај себе да трпи силна и амбициозна жена. Но, сум имала среќа во животот да имам сопруг, а сега и партнер кој нема проблем со тоа. Јас и самата не можам да поднесам во близина слаби и несигурни мажи. Повеќе ме импресионирале силни личности, па и поумни од мене, од кои сум можела да учам и да си ја градам самодовербата. И во љубовта сум барала предизвик.
Покрај сите тие ангажмани човек сепак, посакува време само за себе. За жена особено одење на фризер, салони за убавина, шопинг…. Колку имате време лично за себе?
БВ: Не, не, тоа не е Билјана Ванковска! Не е до недоволно слободно време, туку јас многу си го сакам времето кое можам да си го посветам на духовни збогатувања и вредности, па и патувања (особено откако почнав да возам). Нам, на левичарите, помодарството не ни лежи, ниту личи. Јас во салон за убавина не сум стапнала. На фризер одам кога морам, шопингот не ми е никакво задоволство (да не ве водам кон марксистичката критика на консумеризмот и „еднодимензионалниот човек“ на Маркузе). Во сиромашно општество е дури и непристојно да бидеш дама и да се расфрлаш со пари (дури и ако ги имаш). Ова не е лажна скромност, ова е мое животно кредо. И ако станам претседателка нема да ме гледате како да сум на модна ревија, ќе си користам македонски производи. Големината е во умот и интегритетот, а не во скапите брендови.
Подготвени ли сте за живот во вилата на Водно? Или поточно каде ќе живеете?
БВ: Вилата на Водно треба да биде само работна резиденција. Една од моите тези е: да го симнеме претседателот од Водно меѓу граѓаните, да не биде отуѓен и изолиран.
Навикнати сме на „прва дама“, па доколку победите кој ќе биде „првиот џентлмен“?
БВ: Хаха, кај левичарите нема дами и џентлмени. Има партнер. Со полна слобода да реши дали ќе се гњави со моите обврски или ќе си го прави она што го исполнува. Мојот долгогодишен партнер не верувам дека ќе стане џентлмен. Сетете се на сопругот на Меркел. Никој не ни прашуваше каде е и што е.
В.Миленковска