Музичкото дуо ДНК направи чудо, буквално чудо со нивната хуманитарна акција за собирање финансиски средства за лекување на младиот Леонид Индов – Лео.
Во лицитацијата која траеше неколку дена за нивната добиена статуетка на „Златна Бубамара“ за песната „Посреќна“ со Врчак, момците успеаа да соберат 690.000 денари. Средства кои ќе бидат искористени за лекување на Лео.
Највисоката добиена понуда за статуетката изнесуваше 250.000 денари, но средствата ќе ги донираат и уште неколкумина кои беа дел од лицитацијата.
Оваа информација ја споделија музичарите вчера, веднаш по завршувањето на лицитацијата.
-Драги наши. И официјално заврши лицитацијата за помош на Лео, преку која наградата Златна Бубамара на Популарноста заврши во рацете на Митрески Кирче од Охрид кој ја даде најголемата понуда во износ од 250.000 денари. Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе. Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Filip Patrikliski (Eam T-Shirts) кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео. Со ова, тоталната сума изнесува неверојатни 690.000 денари, со што Македонија уште еднаш покажа дека е хумана нација, и нација со огромно срце, велат од ДНК.