Колку товар може животот да стави врз плеќите на еден човек? Колку предизвици може човек да помине низ животот? Колку подеми и падови може да се издржат за еден животен век. Колку тага, радост, солзи и среќа може да се доживеат во еден живот?
Ако сите овие прашања му ги поставите на скопјанецот Иван Усовски ќе ви рече-многу! Иако има само 46 години .
Во својот живот Иван имал многу професии, животот го фрлал низ разни искушенија, после кои почнувал одново и одново. И сега на 46 години, после се низ што поминал реши да запее. Не за слава, не за кариера, да испее песна, која пред да ја запее морал даја изживее.
Токму со песната „Не ме оставај сам“ сака да ја искаже љубовта кон сопругата, која го напишала текстот, а која веќе ја нема, но и љубовта кон музиката, која после голема тага му е единствениот лек.
Тешката животна приказна на Иван е повод сопругата да го напише текстот, не помислувајќи дека дел од неа ќе биде и таа. Текстот, пак, го натерал Иван да размисли и уште еднаш да се присети на својот живот, кој почнал од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.
-Песната е направена за мене, но целта е да ги охрабрам оние што изгубиле некој близок. А јас ќе можам да продолжам да правам песни со други теми, ама за душа. Сакам да бидат напишани за вистинска приказна, бидејќи јас во мојот живот имам многу материјал за вакви вистински приказни. Затоа и втората песна можеби ќе биде нешто што мене ми се случило. Не го првам ова за некоја слава, туку сакам луѓето да бидат среќни кога ќе слушнат нешто од мене и да се пронајдат во тоа. Тоа ме исполнува и прави да се чувствувам посебно, вели Иван додавајќи дека сопругата напишала текст за него бидејќи многу пати во животот бил оставан, секако не сомневајќи се дека ќе дојде ден кога таа ќе те остави.
-Кога зборувавме за песната тоа ни на крај памет не ми одеше. Никако. А песната се роди случајно. Седевме со неа и муабетевме. И реков- „знеш дека сакам да пеам и убаво би било да имам некоја песна“. И таа ми рече дека ќе ми напише. Не знам како и колку долго ја пишувала, но кога ја напиша и ми ја покажа се изненадив. Ја прашав „зошто баш не ме оставај сам“. Ми рече – „Па ти цел живот си бил оставан“. И така е. Прво од раѓање, мајка ми ме оставила во дом, потоа ме остави и жената што ме чуваше во домот, па и од домот бев оставен, па живеев со една девојка и од неа бев оставен и на крајот ете и сопругата, со која го имаме синчето Никола, почина и ме остави. Јас тоа тогаш не го забележував, не му давав значење. Живеев со друга енергија. Но, кога таа ми ја напиша песната почнаа некои емоции да се будат во мене, ме тераа на размислување. Навистина тоа не го гледав ниту како нешто тешко, ниту како хендикеп. Тоа е живот, секој може да биде оставен и бил оставен, вели Иван.
Кога се родил мајка му го оставилаво Дом и таму останал до полнолетство, а потоа заминал во војска. По враќање од војка, поради годините веќе не се вратил во домот, туку продолжил понатаму, да го живее она што му го сервирал животот.
-Тешко ми е да зборувам за ова пошироко, но во куси црти ќе кажам дека мајка ми прв пат во животот ја видов, направив здраво со неа и се гушнавме кога бев војник. Тоа се случи кога имав 19 години, во 1997 година во Дебар, на граница, во караулата Бањиште. Јас бев граничар. Таа дојде со кола со нејзиниот маж. Од тука почнав да го откривам семејството и потеклото. Тоа е веќе една долга приказна која јас во моментов не сум подготвен да ја раскажувам целосно. Имало причина и зошто токму тогаш ми се појавила пред очи. Таа не се откажала комплетно од мене, туку се потпишала дека до полнолетство се откажува од мене, а после тоа дека ќе сака да ме види. И така беше. А имало барање од многу луѓе, богати луѓе да ме посвојат. Ама среќен сум и вака што се случило. Татко ми не сум го запознал, починал неколку години пред да ја запознам мајка ми. Со мајка ми имавме многу долг разговор, имаше измешани чувства, но многу ми беше драго што ја запознав. И простив за се што згрешила, за тоа што ме оставила без мајчино присуство. Потоа некое време и дадов и можност, живеевме заедно. Сватив дека големината на човекот е да простува, да знае да простува, бидејќи ако не простуваме болката што ја носиме со нас ќе не уништи. Јас секако сум носел болка, но фала му на Бога ми дал можност да се сретнам со мајка ми и да и простам за се. Сватив дека се што ми се случува се случува со некаква причина и треба да знам во тие ситуации да бидам праведен и трезвен. Тоа најмногу ми помага во животот, да сум свесен за се, вели Иван.
Иако живеењето во Дом за деца без родители за многу дечиња е траума и лошо сеќавање, сепак, Иван вели дека таму имал убав живот.
-На некои деца можеби не им било убаво, но на повеќето им беше убав животот. Имавме храна, облека, бевме згрижени, наставниците беа фини. Мојата наставничка беше злато од жена. Како мајка ми беше. Имав среќа, додека живеев во Домот да запознам многу луѓе кои беа на функции, беа директори, министри, богати луѓе. А како ги запознав? Многу интересно. Во домот се организираше хуманитарна акцијаа за собирање хартија. По групи не делеа и не праќаа по реони. Јас бев на Водно и Капиштец. Одев со другарчињата и баравме стара хартија. Секако се претставуваме како деца од домот. Но, како баравме хартија, така одредени семејства не викаа дома на гости. Така запознав многу луѓе кои во животот ми пружија рака, сакаа и да ме посвојат. Некако како да водев двоен живот. Живеев со моите браќа и сестри во домот и јадев манџа подготвена за 200 деца. Но, одев на ручек и кај министерот Александар Димитров и јадев јадење што прв пат го гледам во животот или манџа направена за едно семејство. Како го живеев тој живот во мене влезе желба еден ден да имам и јас таков дом. Не во големината на куќата, туку сплотен живот, средено, чисто, да имам жена со која ќе имам разбирање. Да имам семејство, тоа ми беше ѕвезда водилка во животот. На 18 години заминав во војска и требаше да се збогувам со домот. Тогаш имав многу позитивна енергија во себе кога размислував за иднината. Имав и една љубов која ми даде голема енергија, чувствував дека можам се. Работев на неколку места, дури и по 12 часа само за да можеме да живееме заедно, вели тој и додава:
-После заминување од домот кај се не работев. Работев кај Фуфо, таму го научив занаетот за правење пици, возев такси, копав јами, работев во оптика, работев на море сезонски, ма каде ли се не. И не ми беше ниту тешко, ниту срам. Кога завршив средно морав да се борам за животот и немав време и можност да студирам. Факултето го завршив дури откако се оженив. Гледав дека со факултет лугето повеќе ги почитуват. Ама најголемо влијание за мојот факултет имаше сопругата Ангела. Ангела ми беше ѕвезда водилка. Се запознавме многу интересно и многу добро се сложувавме. Кога прв пат ја сретнав во неа видов одлучност, нешто разбуди во мене, видов жена на место, поим за жена, силна жена, скромна жена. Се забавуваме три години, потоа решивме да тргнеме по заеднички пат и го добивме синот Никола. Но, нашата брачна идила не ни сонував дека ќе ни се сруши. Сопругата се разболе и не успеа да го победи канцерот. Почина пред три години, раскажува тажно Иван.
Дека ваков престврт ќе му се случи во животот Иван не помислувал ни на сон. Тежок бил моментот да свати дека неговата љубов повеќе ја нема, да му објасни на Никола дека мама е кај ангелите и да научи дека од тој момент па понатаму мора да живеат сами.
-Моравме да продолжиме заедно со Никола. А ми беше тешко да продолжам, се ми беше тешко. Едноставно помислата дека ја нема ме убиваше. А најтешко, покрај тоа што ја нема, ми е кога ќе заплаче Никола. Таа болка не можам да ја поднесам. Јас сум растел без родители и самата помисла дека и моето дете ќе расте без родител ме убива. Но, гледам да направам се да не почувствува дека е без мајка. Со Господ напред успевам да го постигнам тоа. Верувам во сила што не движи и веќе три години сами функционираме со Никола, вели со тага Никола.
Многумина Иван го препознаваат и по рекламни спотови, бидејќи во дел од неговиот живот бил и модел. Но, и покрај понудите, тој, сепак, решил дека неговиот живот е покрај Никола.
-Во еден период останав без работа и се пробав во тие манекенски води. Отидов кај Црнокрак за да пробам, но снимив многу реклами, учествував и на ревии. Ама не продолжив и покрај тоа што имав понуди од луѓе за славна кариера. Ми рекоа – потпиши, па да те направиме славен. Но, мене славата и материјалното не ме прават среќен. Мене среќен ме прави мирот, слободата и детето. Кога ќе го видам Никола како се смее, кога ќе се гушнеме. Тоа ме прави среќен. Сватив дека нема две убавини наеднаш. Може да бидам славен, но ќе изгубам во други работи.
Искрено се плашам од слава и тоа е можеби фактор кој влијаел да не бидам нешто друго, пејач на пример. Ова ми е прва песна. Имав обид за една песна да снимам, но луѓето кои ја правеа песната ми рекоа дека не е за мене и си ја земаа. Во тоа време бев и наивен и добар. Им ја дадов и во себе си реков Господе ти си знаеш што правиш, знам дека понатака ќе ми дадеш друга песна. И еве ја се случи. А многу ја сакам музиката. Почувствував некоја чудна енергија во мене, пеев по улици, во автобус, во маркет. Но, се решив да имам семејство место кариера, бидејќи мислам дека едно со друго не оди. Се знае естрадните бракови колку успеваат. А јас разводи не признавам, освен ако е поради неверство или малтретирање, додава тој.
Затоа примарна обврска во неговиот живот е Никола, кој треба да се изведе на прав пат. Иван е тука за се што му треба, иако, како што вели, не сака да го разгалува, туку од него да направи добар човек.
-Го учам да биде скромен иако како и секое дете сака многу работи. Сакам да му угодам, но не го учам да се расфрла туку да помага на другите. Го учам да не се тепа, освен да помогне. Го учам на добри работи. Но, и оставам и дедо Боже да му го отвори патот. Оставам и тој сам нешто да научи. Тој е девет години и знае веќе сам да резонира, а и случувањата во животот го натераа да порасне. Имаше седум години кога сопругата се разболе и беше свесен за се. Кога почина сопругата му реков-сине Господ ти го дава животот, Господ ти го зема. Ние доаѓаме со некава причина, затоа треба да бидеме добри луѓе, а зошто сме дошле не знаеме. Јас и ти ќе продолжиме сами, ќе бидеме силни. Татко ќе се потуди да направи колку што може се да ти биде убаво.
Првите две години на гроб одевме секоја недела, а сега повеќе во црква. Секогаш кога ќе тргнам на гробот на Ангела го викам и оставам на него да одлучи дали сака да оди. Многу е храбар и неднаш не заплакал. Јас пред него два пати сум заплакал и ми рече:„Тато немој да плачеш“. Кога ми го рече тоа ми даде една друга димензија, поинаку да ги гледам работите. Сум му кажал дека мама е секогаш тука со нас и не гледа. И се увери во тоа. Еднаш се случи една зачудувачка работа. Отидовме да купиме патики, беа на попуст. Но, на каса ми рекоа од 35 број нагоре е друга цена, не е на попуст. А ми недостасуваа 700 денари. Ми рече: „А знаеш колку имав желба да ги купиме“. Срцето ми се кинеше, но му реков да се стрпи дека ќе ги купиме понатаму. И си заминавме. Само што тргнавме по улица „Македонија“ тој згазна врз пари и кога ги подигна беа 700 денари. Му реков е ова сине, ова мама ти го прати. Се вративме и ги купивме. Затоа сакам да продлжам со музиката, но да ми биде во втор план. Мене во прв план ми е Никола. Прво тој па се друго. Слава не ми треба, јас се плашам од слава. Но, Бог знае најдобро. Треба да се има силна верба во Бога и само он може да ги направи среќни, вели на крај Иван.
В.Миленковска