Денеска во Основниот суд во Струга продолжи расправата во судскиот процес против тројцата струшки лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, кои на пациентката Јилидиз Веапоска од Дебар при породување ѝ извадија матка, јајник и бубрег.
Бил испрашуван вештакот проф. д-р Драге Дабески, кој по барање на обвинетите го изработил вештиот наод за отстранување на органите. Дабески на судот рекол дека според документацијата кои со што го направил вештачењето лекарите на Веапоска и го спасиле животот. Дека пациентката била во животозагрозувачка состојба и тие направиле сѐ за да ѝ го спасат животот и затоа им симнувал капа
Веапоска вели дека со нејзиниот адвокат не се сложуваат бидејќи ова вештачење е сосема спротивно од вештачењето на Судска медицина.
-Мојот адвокат праша ако ми го спасиле животот тогаш зошто ме испратиле во Скопје, што не ме оставиле во Струга. Неговото вештачење е сосема спротивно од она на Судска медицина. Како е можно да ми го спасиле животот кога влегов на породување жива из драва, а излегов без три органи. Ми го спасија во Скопје, 14 дена бев во кома. А тие што ми ги извадија органите ме осакатија, поради нив веќе не можам да имам деца. Дабески е лиценциран за гинекологија, а повеќе објаснуваше за бубрезите, може да зборува за матката и јајниците. Мојот адвокат го праша дали сум имала кардиоваскуларни проблеми, а тој не знаеше да каже. Се бранеше на високиот крвен притисок, па некој хематом. Тој кажа дека немало потреба бубрегот да се тргне можело да се направи реконструкција, па да се лекува. А за да се вади бубрегот одлучиле хирурзите, а не гинекологот, вели Веапоска и додава:
-За наредното рочиште судот ги повика и професорите од Судска медицина што го изготвија извештајот, а кој кажува дека има пропусти. Повикани се сите вештаци од Судска медицина и професорот Дабески со цел да ги усогласат вештачењата, кои се спротивни. Следното рочиште е на 23 април. Дај Боже да има правда, но не сум сигурна дали ќе има, бидејќи вештакот, професорот од Медицинскиот факултет им симнува капа што ми го спасува животот, а сум пратена во Скопје и таму лекарите да ми го спасат животот. Тогаш треба на две места да симнува капа. На наредното рочиште ќе му однесам капа, за да им ја симне тука во судот. Ги направи лекарите во Скопје како да немаат поим, а на лекарите во Струга капа им симнувал. Што значи тоа, да ги прашам лекарите во Скопје кога веќе во Струга ми го спасиле животот што баравте повторно да ме оперирате, вели револтирано Веапоска.