Околу двеста професионални возачи на транспортни возила се соочуваат со проблем со добивање на нов пасош со новото уставно име на државата, поради што по интервенција на Министерството за транспорт е договорено да се формира тнр. „брза лента“. Вака е постигнато решение за проблемот на кој асоцијациите на транспортерите се пожалиле до Министерството за транспорт и врски. Министерот Благој Бочварски на денешната средба со транспортерите во Штип, рече дека проблемот се решава во соработка со Министерството за внатрешни работи.
-Ќе биде оформен список на професионални возачи и со сертификат за професионален возач, ќе биде доставен од Министерството за транспорт и врски, а ние до МВР. Оние кои треба да бидат повикани за фотографирање, веднаш да бидат фотографирани. Ова е исклучително значење за економијата, која не смее да трпи. Не се работи за голем број, но колкав и да е бројот, Министерството ќе постапи веднаш и ќе ги прати на обработка, изјави министерот Бочварски.
Поголемиот дел од оваа бројка од двеста професионални возачи веќе успеале да се фотографираат и го очекуваат добивањето на готовите пасоши, дообјасни Билјана Муратовска од асоцијацијата Макам-транс.
-Пратени се писма за приоритет за издавање на пасоши, возачки и сообраќајни дозволи. Над стотина се сликале, но остануваат уште. 96% од превозот се врши преку патниот превоз. Во вакви ситуации, се сеќавате во минатото, може да останат празни рафтовите. Транспортерите се соочуваат со големи проблеми, не се само од нашата држава, туку генерално со економската криза, застои, намален пазар. Превозниците се соочуваат со големи проблеми и засега успеваме да опстанеме на европскиот пазар, изјави Муратовска.
На средбата на која учествуваа и претставници на Царина и УЈП, беше изнесен проблемот со недостаток на работна сила. Каде едно дополнително барање е да се решат квотите за странски работници, кои сега се на ниво од 5 отсто. Барањето од асоцијациите е да се направи само квота само за превозниците.
Овој проблем ќе се решава и со иницијативата, која стартува од следната година. Во соработка со МОН и АСУЦ се воведува смер возач, бидејќи, како што објасни Муратовска, професионалниот возач значи не само знаење да се вози, туку познавање и на јазици и други вештини.
Транспортерите реагираа на застоите по границите, пред се’ тие меѓу Србија и Унгарија и Србија и Хрватска. Беше кажано дека има најава за нова граница меѓу Србија и Унгарија, што се очекува да го растовари сообраќајот. Проблем се и обичните административни постапки кај шпедитерите, што некогаш има земаат часови од работниот ден. Се пожалија на честиот пад на системот, што како што кажа еден од присутните на средбата, се решава со „финансиска инјекција“. Советот до него беше да пријави на анонимниот број за пријавување на мито и корупција.
Од надлежните институции прашаа како сега функционира системот на македонско – српската граница само еднаш на границата да се мерки товарот. Транспортер сподели искуство дека токму синоќа имало седумкилометарска колона од возила.
Проактивниот од државните институции и професионалните асоцијации се повеќе од потребни, беше речено на средбата, бидејќи ова е сектор кој постојано се менува и зависи од навремено решавања на прашања кои се врзани со странски земји и со Европската унија и нејзините правила.
В.К.