Без калкулации и тактики до последен момент, туку најхрабро од сите осум независни или партиски кандидати за претседател на Македонија е професорот Вело Марковски (65), кој уште пред неколку месеци прв ја објави својата независна кандатура.
Вели дека идејата за претседател ја донел по неколкумесечно размислување, а најмногу поттик му било тоа дека „македонскиот народ мора да се ослободи од партиското ропство кое го спроведуваат функционерите кои не се способни на луѓето да им понудат чесен граѓански концепт на почитување на нивните економски, здравствени и политички права“ и дека „не може да седиме и да гледаме како Македонија ни тоне во хаос, а болното здравство ги зема животите на нашите луѓе, корупцијата ги брка младите надвор од државата, а безидејноста и алчноста на политичките елити го турна народот во колективна депресија“.
Марковски е познат на јавноста и по приватниот живот и по професионалниот како лекар, особено за време на короната, но и по политичкиот, како член на ВМРО-ДПМНЕ иако настапува како независен.
Но, дали ќе успее да ја истрча трката до крај, дали ќе ги собере потребните 10.000 потписи и дали граѓаните ќе му ја дадат поддршката ќе видиме на крајот. Разговорот со Марковски го почнавме од денес, од стартот на собирањето на потписите.
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател започнува денеска. Од кого ќе барате поддршка и што очекувате?
-Потписи собирам од луѓе кои ме поддржуваат, е сега дали се тие членови на некоја политичка партија не знам. Значи моето собирање потписи не е партиско, туку баш како независен кандидат. Дали ќе ги соберам брзо не знам, ќе видиме. Јас очекувам дека брзо ќе ги соберам. Меѓутоа во старт се соочувам со, за мене, несфатливи проблеми. Па, сите општини немаат канцеларии на ДИК. Аеродром, како голема општина нема. А потписите се собираат во општинските одделенија и канцеларии. Има вкупно 34 на ниво на Македонија иако се многу повеќе. Тоа е многу голем проблем. На голем број од популацијата тоа право им е нерамномерно. Луѓето од Аеродром треба да одат во Општина Центар, значи изложени се на трошкови и губење време… Во Центар нема пракинг, па ако најде треба да плати паркинг, па да губи време да патува. Не е само Скопје. Во внатрешноста треба од една општина да патуваат до друга Тие општини некаде се блиску, но некаде не, треба да патуваат. Од Чашка да одат во Велес, од Росоман да одат во Кавадарци, од Каменица да одат во Делчево. Многу општини не се покриени. Во Скопје нема канеларии во ШутоОризари, нема во Бутел, во Илинден, во Петровец, Ѓорче Петров. Јас поднесов барање до ДИК, може да се реши, не мора да отвораат канцеларија. Но, најавено ми е дека не било законски.
Во минатите избори имаше отворено пункт, не мора да отвораат канцеларија и да плаќаат човек цела година, туку наменски. Тоа исто ќе биде и за собирање потписи за независни за пратеничките листи. Овa не е во ред, на независните и на малите партии им се создаваат многу пречки кои ги немаат поголемите партии. Ги замолувам моите поддржувачи и подржувачи на моите идеи кои изминатиов период јасно ги кажав, ги кажав македонските црвени линии. Се надевам дека луѓето ќе го дадат потписот и поддршката и покрај сите потешкотии. Сепак, се работи за идеологија, да направиме стратегија и видиме каде досега сме грешеле, зошто немаме единство, зошто дозволуваме пред очи да ни се брише идентитетот. Поради Преспанскиот договор гледаме што ни се случува со личните документи. Секојдневно има афери, кои и мене, патриот како човек, кој си ја сака државата ме натераа на овој чекор. Да се донесат луѓе на функции, кои пред се си ја сакаат државата и способни. Со ставањето на луѓе под клучеви, по партии гледаме дека тонеме, дека паѓаме во сите сегменти, во судство, здравство, новинарство….
Каква е состојбата на терен? Веќе се среќавате со потенцијалните гласачи, што Ви велат?
-Чувствувам дека генерално ме поддржуваат. Е сега таа поддршка треба да биде и конкретна. Навистина не треба да се остави „некој друг ќе потпише“, туку да се свати дека мора да се даде реална и вистинска поддршка. А тоа што јас го чувствува е дека имам поддршка.
ВМРО ДПМНЕ веќе го откри својот кандидат, но мислите ли дека во партијата има луѓе кои, сепак, ќе гласаат за вас? И што ќе се случи ако не го соберете, ако малку ви недостасуваат до потребните 10.000?
-Очекувам до втори март да ги соберам потписите.. Инаку дозволено е рекламирање, повикување. Условот е 10.000, што е голема бројка за толку мал период. Порано беа 5.000, па потоа е направено на 10.000 потписи. Се што е направено, направено е да не бидат загрозени големите партии. Најголемиот број членови на ВМРО се членови поради идеологија, не поради корист, затоа очекувам идеолошки да ме поддржат. Има луѓе кои ми приоѓаат и ми кажуваат дека идеолошки јас сум нивни кандидат. Сепак, членовите на ВМРО ДПМНЕ се процент, има луѓе од други партии, кои се разочарани, ја напуштиле партијата, луѓе од сите партии кои си ја сакаат државата, има луѓе патриоти и во СДСМ и во ДУИ и во малите партии, можат да ме поддржат и интелектуалците. Значи не чекам само од ВМРО, патриотите не се само во ВМРО. Најголем дел во моментов се неопределени. Голем е бројот на луѓе кои не се задоволни од овие партии кои досега ги среќававме на македонската политичка сцена.
Очекувате ли гласови од Албанците? Таравари минатиот пат кажа разочарувачка реченица „Време е за Албанец претседател“, наместо „Време е за чесен човек за сите заедно да живееме во убава држава“. На луѓето веќе им е преку глава од национализам, додека децата им бегаат во странство. Истото го направи и Ахмети претставувајќи го Османи. Со што ќе ги привлечете овие гласови?
-Јас очекувам гласови, независно од кај се. Живееме заедно во иста држава, некој е Албанец, некој Македонец…. Мислам дека на поголемиот дел албанско население им е потешко отколку на останатите. Тие место да добијат некакви права, тие покрај држвните органи кои знаат да прават репресии имаат и друг проблем, мора да ги поминат и партиските пречки. Во изминатиов период во тие партии воопшто не се трудеше да се стават квалитетни функционери Од тој неквалитет што ни се создаде, од луѓе кои не се способни, настрана што не си ја сакаат државата, пропаднаа системи. А тоа што пропаѓаат системи ги засега сите граѓани. Кога човек е болен не прашува од која националност е лекарот, важно му е да е квалитетен, така е и во образование и во судство, во кое недовербата е помалку од два проценти. Се нема доверба во законите. Не можеме да се делиме, затоа треба способен човек кој си ја сака државата, па не е важно од која партија е. Ако се способни да ја водат државата, ако гледаме дека оди нагоре не е важно од која националност е. Но, во овој период како што гледаме дека од една партија од 15 пратеника има 10 министри јасно е дека не може да има квалитет, ниту пак, има квалитет и гледаме дека тонеме во сите подрачја.
Очекувате ли поддршка од студентите? Некои од политичарите сега пред избори ги забораваат државните обврски и постојано се во посета на потенцијалните гласачи, особено кај студентите.
-Јас сум долго во настава и како асистен и како професор и имам коректен однос со студентите. Важам за многу строг, но коректен. Чувствувам, а тоа го кажуваат студенти кои одамна веќе се лекари дека имаат почит кон мене поради желбата да пренесам знаење. Тоа што јас сум ги научил во пракса многу им користи. Со квалитетни предавања, па и испити, па и вежбите гледам да го извлечам максимумот. Немам агитирано меѓу студентите, а ниту пак сакам, но очекувам нормално, доколку ме почитуваат сите кои ми биле студенти, нивни семејства, бидејќи откако ќе дипломираат кажуваат „јас мојот син го запишав на УГД поради вас, затоа што знам дека вие ќе извадите добри доктори“. Така да тоа е поширок и подолгогодишен начин на комуникација со студентите. Едноставно луѓето гледаат, почитуваат и си ја сакаат татковината. Голем дел од нив се многу поголеми од ова што ни се случува. Оставаат на нас постарите, а ние постарите ги изневеруваме. И се запишале на медицина затоа што сакат да научат не само за да земаат диплома.
Ги почитуваат професорите од кои научиле нешто и имаат што да научат. Во моментот можеби некој од професорите им се популарни, бидејќи не им бараат многу, но многу бргу сваќаат дека од тие професори добиле само оценка, но не и знаење. Секако дека очекувам подршка и од нив, но не можам да агитирам само на таа популација. Секој си има различни политички убедувања, а поголемиот дел се и аполитични. Но, она што го забележав овој период, а што мене лично ми пречи е големиот број граѓани кои влат„не сакам да се мешам во политика“. Значи и јас не се мешам во политика, меѓутоа ако вака се тргаме, оставаме неспособни да ни ја водат државата, веќе не се работи за политика, туку за опстанок. Ние не сме супер држава како Швајцарија па не се интересираме, што е важно кој е премиер или претседател. Нам ни е загрозен идентитетот и опстанокот на народот. Сите сме виновни за пореметувањето на опстанокот. Одеднаш ќе дојдеме како народ без свое име и јазик. Нешто што досега се случувало, но тие народи исчезнале, веќе ги нема.
Кога зборуваме за поддршката најважна е подршката од дома, од сопругата, семејството. Што на оваа ваша одлука вели сопругата?
-Имам целосна поддршка од најблиските, неколку пати сме разговарале. Оваа одлука ја носев со месеци. Свесни сме дека ќе има проблеми и потешкотии. Дури и на моменти кога сум разочаран од неа добивам поддршка. Имам поддршка и се надевам дека така ќе остане. Сме разговарале на оваа тема повеќепати. Одлуката да се кандидирам е моја одлука, таа не се меша во политика, ниту ги знае односите. Мојата одлука не е одеднаш, беше подолг период најавувана и дискутирана. Јас се размислував, ставав за и против, па имало моменти кои влијаеле. Пред се тие состојби, како Преспанскиот договор, поради кој имав лични последици, па Бугарскиот договор, па изјавите на наши политичари дека ќе прифатиме ама да им биде последно барање на Бугарите, а тоа што бараат да смениме јазик е навистина последно барање, после тоа нема што да бараат… Сето тоа придонесе да се решам на таков тежок пат.
Како ќе издржите со сите тие обврски а притоа да не трпи ништо? Ќе имате многу обврски одеднаш, семејство, лекар, професор, па и претседател?
-Јас како лекар повеќе не работам. Помагам по луѓе повеќе од човечки и хуманитарно. Како професор веќе сум на крајот на кариерата. Имам 65 години и во професијата немам големи турбуленции и обврските што ги имам нема да влијаат, можам да ги правам. На која и функција да сум, станува збор за еден до два часа неделно.
Очекувате ли да влезете во втор круг?
-Во принцип ако не очекувам немаше ниту да влезам. Моите проценки се дека реално некаде 30-40 проценти ми се шансите да влезам во втор круг и да победам. Морално на некој начин веќе сум победник. Прво ги кажав црвените линии, се јавив доволно порано за да можат луѓето ако сакаат да ја запознаат мојата програма и идеи. Не е корекно ова партиите што го правеа и што молчеа до сега за кандидатите. Со распишување на изборите почнат е изборниот процес, а тие до вчера немаа објавено кандидати. Тоа е понижување на граѓаните. Во ред се тие надмудрувања и игри но тие барем месец два пред распишување требаше да завршат. Ни внатре немаат претставвување на кандидати, пред општински комитети. Цел еден демократки процес изостанува. Има конкурс.. Некако како сосила да се маргинализира функцијата претседател.. Како воопшто да не е важно, да се избере затоа што законот дал. Па имаат и идеја да се бира претседател во парламент, да го бираат пратениците. Претседателот е маргинализиран, а е биран од минимум 400-500 илјади гласачи. Маргинализиран од пратеници кои се избрани со по 7-8 илјади гласови поединечно. Сето тоа покажува колку нема зрелост и одговорност од политчките партии во Македонија. Мора да се има одговорност. А ние како да имаме некои детски болести во демократијата и тоа е тоа што не тоне, а од друга страна немаме коректор од јавното мнение.
На старт на собирање на потписите што ќе им порачате на потенцијалните гласачи?
-Да си ја сакаат државата, бидејќи резервна држава немаме. Не го оправдувам бегањето по други држави бидејќи и таму е сигурно слично, има еден глобален процес на недемократски случувања. Мораме сами да си ја градиме и сакаме државата, имаме убава држава. Да се вклучат што повеќе луге и во одлучување и во влијание. На некој начин големо е влијанието на бизнис заедницата, која гледаме дека си молчи и си чека, но тие треба да сватат дека кога пропаѓа една држава пропаѓаат и нивните бизниси. Можеби последни ќе пропаднат, но сето тоа нема да ги направи среќни. Битно е луѓето да веруваат во светла иднина и ако сме единствени ќе се избориме во ова негирање. Пред се покрај економскиот пад имаме и голем проблем за опстанување на македонскиот народ и тука мораме да бидеме единствени. Држава и да изгубиме државите се губат се враќаат, се велгува во едни сојузи во други, но основните карактеристи на народ и нација ако ги изгубиме ќе бидеме асимилирани и тоа ќе биде болно за многу, многу генерации во иднина….
В. Миленковска