Претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски е кандидат на оваа партија за претседател на државата, одлучи денеска Централниот одбор на партијата.
Јакимовски рече неговото долгогодишно искуство и јасните политички ставови кои ги изразувал во изминатиот период се причина Централниот одбор на ГРОМ да реши тој да биде претседателски кандидат на претстојните избори.
Потенцираше дека неговата кандидатура не е алтернатива на досегашните кандидати, туку решение, бидејќи како што рече, треба да го напуштиме периодот во којшто постојано ја бираме едната или другата страна.
– Фактите говорат дека до сега доживуваме само понижување на меѓународната политичка сцена, и за нас има крупни прашања коишто мора да ги одговориме во оваа претседателска кампања. Што ако до 2030 година не влеземе во ЕУ, што ако не добиеме датум за преговори, дали и натаму вака ќе седиме и ќе чмаеме, ќе чекаме други да ни ги решаваат проблемите или ќе наоѓаме решенија за подобар живот на граѓаните, рече Јакимовски.
Вели дека некои ја направија претседателската функција потценета, но како што рече, убеден е дека функцијата претседател на Република Македонија може да биде функција достојна за почит која што ќе ги отвора најбитните процеси во земјава.
– За жал, некои ја направија и марионетска таа функција. Потцената беше и градоначаничката фунција додека јас и Ристо Пенов не станавме градоначалници, тој на Скопје, јас на Општина Карпош. И сега гледате дека имаме ситуации во коишто пратеници и министри напуштаат функции за да станат градоначалници, рече Јакимовски.
Додаде дека максимално ќе се бори да се подигне нивото на техничката опременост на вооружените сили на РМ, како и ефикансоста на борбената подготвеност
Како најбитно прашање Јакимовски го посочи безбедносниот систем и вооружените сили на земјава
– Максимално ќе се борам да се подигне нивото на техничката опременост, на ефикансоста на борбената подготвеност, на вооружените сили на Република Македонија, затоа што времињата се многу лоши. Треба да слушаме што зборува претседателот на САД. Вели дека ако запре војната во Украина ќе видите што ќе се случи со Балканот, а тоа значи дека многу лесно може да се случи претседателот на државата да биде врховен командант на вооружените сили. Тоа значи дека сериозно треба да размислиме кој е тој што и во такви услови треба да ја води Република Македонија, истакна Јакимовски.