Расштимана делегација во Минхен, вели Антонио Милошоски, пратен од ВМРО ДПМНЕ коментирајќи го присуството на македонска делегација на безбедносната конференција во Минхен, каде главни теми беа Руската агресија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток.
Тој на својот Фејсбук профил даде свое видување на настанот, особено на посетата на македонската делегација и дипломатските правила.
-Деновиве вниманието го привлече безбедносната конференција во Минхен. Главни теми Руската агресија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Сериозни теми, сериозен протокол со присуство на делегации од многу држави. Но, само една делегација личи на расштиман оркестар – за жал, тоа е македонската делегација. Според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат претседателот на државата и премиерот, бидејќи и двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада. Како шеф на делегацијата оди или претседателот, или оди премиерот, но никако двајцата заедно. Во случајот со Македонија, на конференцијата во Минхен, присутен е и претседателот Пендаровски, а истовремено таму е и техничкиот премиер Талат Џафери. Двајцата имаат по неколку соработници во нивна придружба. Згора на тоа, со група свои соработници таму е и министерот за надворешни Османи, оној кој би требало да му укаже на премиерот дека двоглави делегации на една иста конференција не праќаат ниту државите кои служат за потсмев на меѓународата сцена, напиша тој и додаде:
-Оваа дипломатска грешка го открива непознавањето на протоколот од страна на техничкиот премиер, но истовремено е и недомаќинското триплирање на буџетските трошоци. Плус, лошо е за власта ако никој од тројцата не сфатил сериозно дека ваквото дупло присуство не е дозволено и од безбедносна гледна точка. Двоглавото претставување ќе биде за потсмев кај другите делегации кои лесно ќе забележат дека во Македонија не постои координација меѓу трите кабинети (Претседател, Премиер, МНР) кои се задолжени за надворешната политика. Замислете колку бил зачуден британецот Сер Стјуарт Пич, специјален пратеник за Западниот Балкан, кого и претседателот Пендаровски и техничкиот премиер Џафери го сретнаа на две одвоени средби, како патувањето до Минхен да им е последното патување во кариерата. Или можеби Сер Стјуарт Пич веќе знае дека во Македонија кавгата за казината на ДУИ со “европско знаменце” е побитна од координацијата меѓу претседателот, премиерот и министерот за надворешни за нормално меѓународно претставување на државата, напиша Милошоски.
Тој направи и споредба со шефовите на делегациите на други држави:
-Турција: Министерот за надворешни, Полска: Министерот за надворешни, Србија: Претседателот, Косово: Премиерот, Хрватска: Премиерот, Албанија: Премиерот, Финска: Претседателот, Грција: Премиерот, Латвија: Претседателот, Италија: Министерот за надворешни, Македонија: Претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи. Македонија секој ден прави нова грешка.
После 8ми мај ќе има премногу грешки за поправање, напиша тој.