Во секојдневниот жаргон на ова поднебје, „Тунгузија“ е начин да се опише некое далечно, изолирано, зафрлено место… Но, каде навистина се наоѓа таа фамозна Тунгузија?
На Инстаграм-страницата „Геоинст“ е споделена мапа на областа Евенкија, порано викана – Тунгузија, што се наоѓа во средишниот дел на Русија. Ова подрачје, чиешто поранешно име толку често се споменува во секојдневните разговори на Балканот, е всушност најпознато по експлозијата што се случила во 1908 година.
„Тунгуската експлозија“ е необјаснета појава што се случила во тие делови на Сибир, близу Тунгуска Река. Настанот се нарекува и „Голема сибирска експлозија“, а научните претпоставки говорат дека тогаш поголем астероид паднал во таа област.
Поради експлозијата се уништени и изгорени дрвја во радиус од 30 километри. Се проценува дека непогодата зафатила површина од 2.000 квадратни километри и уништила 60 милиони дрвја, а пукнале и прозорци и врати во градот Ванавара, оддалечен дури 65 километри. Во 2019 година во оваа подрачје се појави метеорит којшто исто така се најде на насловните страници на светските медиуми. Остатоците од вселенското тело биле пронајдени кај реката Подкаменаја Тунгуска во тoj Краснојарски Крај.
Тунгузија во времето на СССР, поточно 1930 година, е преименувана во Евеникија. Денес тоа е општина, т.е. општински реон што зафаќа 763.200 квадратни километри и има околу 13.400 жители.