Албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени (ЕСП) денеска побара претседателот на Собранието Јован Митрески што поскоро да свика пленарна седница за избор на нов член на Државната изборна комисија (ДИК). Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница со 10 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, дадоа поддршка Абдуш Демири, кој е предлог на албанската опозициска коалиција ЕСП да биде нов член на Државната изборна комисија.
Пратеничката на албанската опозициска коалиција Сафије Садики Шаини на денешната прес-конференција побара од сите пратенички групи да го поддржат нивниот кандидат за член на ДИК.
-Во моментов, позицијата има четири члена во ДИК, македонската опозиција има два члена, додека празното место во ДИК согласно законот за Изборен законик член 2 став 9 и 10 им припаѓа на партиите кои произлегоа на последните избори. Конечно, доаѓаме до овој момент кога се спроведува законот и испразнетото место во ДИК се пополнува со член на албанската опозиција. За нас и за граѓаните е многу важно да се комплетира ДИК и во однос на ова да имаме фер и демократски избори. Бараме од претседателот на Собранието што поскоро да свика пленарна седница и да го постави изборот на член на ДИК како точка на дневен ред, рече Шаини.
На новинарско прашање дали имаат обезбедено двотретинско мнозинство колку што се потребни за да се изгласа нивниот кандидат, Шаини нагласи дека не треба да се доведува во прашање гласањето на оваа точка. Потенцира дека тие секогаш гласале за членовите на другите партии и посочи дека и сега така треба да постапуваат другите партии спрема нивниот кандидат.
-Ние тоа и не треба ниту да го мислиме, ниту да се доведува во прашање гласањето на оваа точка. Ова точка треба да се гласа. ДИК треба да се комплетира и да имаме фер и демократски избори. Принципот секогаш беше така, што за кандидат на секоја партија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, сите ние сме гласале за нивните членови. Сега и за нас тоа треба да биде така, рече таа.
Како што информираа од Кабинетот на претседателот на Собранието, се очекува на редовната понеделничка координација со координаторите на пратеничките групи да се договори на која седница ќе биде ставена оваа точка.
За изборот на Абдуш Демири за нов член на ДИК потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници, односно потребно е двотретинско мнозинство на гласовите.
Во „трката“ за член на ДИК беше и кандидатот Зулфи Адили предложен од Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, кој вчера се повлече поради неговото именување за директор на Агенцијата за странски инвестиции.
По именувањето на Кренар Лога за министер за правда едно место во ДИК остана испразнето.