Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска информираше дека во тек е реконструкцијата на Универзалната сала и се бројат денови кога таа ќе биде отворена. Како што рече, за оваа година се обезбедени вкупно 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години.
-Универзалната сала веќе се работи. Она што никогаш во 12 години не се направи, оваа година се направи за неколку објекти. Прва е Универзална сала, за која веќе броиме денови кога треба да ја отвориме, оти насушно ни треба. Се обезбеди повеќе годишно финансирање. Оваа година има 120 милиони денари, рече Костадиновска Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите.
Таа информираше дека за 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.
-При преземањето на документите од Универзална сала не ни беше дадена целосната документација. Ние ја баравме преку Министерство за правда, преку државен правобранител. Токму затоа ништо таму до сега не можеше да се придвижи, додаде министерката.
Како што посочи, при преземањето на Универзалната сала од Министерството за култура се направи ревизија на проектот и се доби позитивно мислење со сите измени кои што беа вметнати. Изведувачот е истиот оној кој ја започна реконструкцијата.
Средствата 120 милиони денари за оваа година се дадени на Министерството за култура, на наменска сметка за Универзална сала, додека првата сума е вратена назад во централен буџет.
Првничните средства кои беа предвидени за реконструкција на Универзалната сала, како што додаде министерката, се вратени во буџетот на државата бидејќи се неискористени. Станува збор за 67 милиони денари.
-Ова е затоа што долго време траеше преземањето на документацијата. Кога веќе конечно ја преземавме документацијата, ние немавме можност да ги реализираме тие средства и се вратени назад во буџетот, рече Костадиновска Стојчевска.
Универзалната сала треба да биде готова за три години.
Во однос на другите објекти кои исто така се финансираат преку Министерството за култура, Костадиновска Стојчевска рече дека успеале да обезбедат не само пари, туку повеќе годишно финансирање на киното „Партизан“ во Битола, како и реконструкција и адаптација на Театарот при НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово
-Подобро е да имаме театар кој што ќе го градиме по сите постапки, секоја година постепено, отколку да ни „никне творба која од почеток ќе има дупка во кровот“, рече Костадиновска Стојчевска.