Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст- фламенко!“. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко пејачката Марина Ередија од Шпанија. На програмата се дела од Лорка, де Фаља и Гинастера.
-Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо фламенко. Во срцето на шпанското фламенко е т.н. „канте“, односно традиционалната форма на песна инспирирана од животот на Циганите во јужна Шпанија. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка, велат од Филхармонија.
Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца „Malgré la nuit“. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени како: Театарот де ла Маестранца во Севиља, Гранд театарот во Кордоба, Карнеги хол во Њујорк, Палатата на музиката во Стразбур, Кристалната палата во Порто.
Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината.
Во сезоната 2013-2014 година Васкез станува шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Ставангер (Норвешка), со кој потпишува четиригодишен договор, кој му е продолжен уште две години – до 2019 година. Со него оркестарот беше на неколку исклучителни турнеи во Скандинавија, Русија, Германија и Холандија.