На 9 981 лозар денеска им се исплатени по 40.000 денари за хектар. Традиционално, на нивните сметки за празникот „легнаа“ околу 10 милиони евра, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски кој по повод Св. Трифун го посети селото Марена.
Николовски, придружуван од претставници на семејни винарии, учествува во симболичното закројување на лозјата.
Посакувајќи им успешна година на лозарите, со богат и квалитетен род на грозјето, Николовски информира и дека на вчерашната владина седница е усвоена Програмата за грант на мали винарии за 2024 година, а многу наскоро, како што најави, ќе има и повик за грант од 10 000 евра.
Министерот апелира пратениците побрзо да го донесат новиот закон за вино кој веќе е во процедура.
-Минатата година ја донесовме Националната стратегија, а усвоен беше и новиот закон за вино кој е во собраниска процедура. Апелирам до пратениците што поскоро да го донесат законот зашто со него се регулира начинот како да се дефинира и гарантира откупната цена на лозарите. Верувам дека оваа реколта и сезона ќе имаме нов закон, избор на научна инстиуција и утврдени производни минимални цени за двете најзастапени сорти, истакна Николовски.
Тој потсети дека за само две години е постигнат раст на откупната цена на грозјето од 39 отсто, како и дека од 71 мала семејна винарија пред четири година, денес се веќе регистрирани 255.
-Во една година се регистрирани 91 мала семејна винарија што е доказ за исправноста на законот и политиките, рече министерот, дополнувајќи дека 144 мали винарии добија 10.000 евра поддршка за набавка на опрема и ангажирање стручни лица.
Според него, оваа година мали винарии аплицирале и за поддршка преку ИПАРД.
Во Марена денеска, на традиционалното закројување, е и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој им го честита празникот на лозарите и им посака успешна година.