Вчерашниот ден со хаосот со возачките дозволи се реши во 5 до 12 со законските измени со кои на возачките им се продолжи важноста до 31 декември 2024 година.
Денес и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се фалат дека токму тие се заслужни да решавање на проблемот, кој ги доведе граѓаните во хаотична состојба, покрај останатите лични документи, кои иако се важечки треба да се сменат со новото име на државата. Особено хаосот за пасошите, кој претставува голем проблем а нема изгледи дека бргу ќе се реши.
Денес во соопштението на СДСМ се вели дека „на предлог на СДСМ решен проблемот со возачките дозволи, ДПМНЕ не смее да казнува“.
-На предлог на пратеничката група на СДСМ, Собранието усвои законски измени со кои на возачките дозволи продолжена им е важноста, до крајот на оваа година. Граѓаните и понатаму да може да ги користат на територијата на државата. ДПМНЕ не смее да ги казнува граѓаните. Нодоговорно е однесувањето на министрите на ДПМНЕ во техничката Влада и обидите да создававаат дополнителен хаос, велат од СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ пак го тврди спротивното:
„Неспособноста на Оливер Спасовски, СДСМ и ДУИ да организираат процес на реализација на обврската која ја презеле затоа што покажаа тотална неспособност ги натераа луѓето да мрзнат за да можат да се сликаат за пасош па потоа во истите колони за да можат да го земат пасошот и според она кое го имаме како бројки поголем дел од населението сеуште нема пасоши, најголем дел од населението за среќа нема лични карти заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го блокираше законот бар за личните карти во домашна употреба да нема проблем и најголем дел од населението немаат возачки дозволи можеби 95%, еве по интервенција на ВМРО-ДПМНЕ тој проблем се реши и се промени Законот во Собрание“, рече потпретседателот на партијата Александар Николоски за ТВ Алфа и додаде дека остриот настап во јавноста на министерот Панче Тошковски ги отворил очите на јавноста дека проблемот со личните документи може да се реши.
ММС ги прашува читателите: Кој го реши проблемот со возачките дозволи и кој ќе го реши проблемот со пасошите пред праг на туристичката сезона? На единствениот број за закажување 072929292 постојано е зафатено и воопшто не може да се добие термин за промена на пасош. И дали е подобро да нема хаос отколку да има па да се прашуваме кој го решил?