Дадени се препораки од страна на Комисијата за заразни болести пред се за можност да се имунизираат оние дечиња коишто во редовниот календар на вакцинација не се имаат имунизирано против голема кашница. Имено, пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време. Ова го изјави денеска заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева, одговарајќи на новинарски прашања.
– Конкретно во Здравствен дом Скопје отворени се дополнителни смени во повеќе поликлиники низ градот и во пунктовите за вакцинација дополнително ќе работат и сабота. Точно е дека има гужва. Би повикала на родителите од овие причини во редовните термини за вакцинација да ги вакцинираат своите деца, да не се соочиме повторно со некој ваков бран во понатамошниот период и за морбили и за други заболувања за коишто би требало децата да се вакцинираат во редовниот календар. Но, еве, овозможивме услови да и во овој период дополнително работат пунктови за имунизација со продолжено работно време, рече Манолева.
Сметам, нагласи таа, дека сето тоа ќе овозможи поголема вакцинација.
– Родителите коишто се сомневаат дека некое од нивните деца има можеби пертусис, треба секако да го однесат своето дете на матичен лекар, а понатака и на специјалист ако е потребно и да се почитуваат препораките, нагласи заменик министерката.
Манолева одговараше и на новинарско прашање, дали Министерството има поднесено барање до Обвинителството за луѓе кои антивакцерството го споделуваат на социјалните мрежи, со навреди до докторите каде што навистина се кажуваат некои тези против вакцините кои наштетуваат во делот на имунизацијата и родителите им веруваат.
– Во моментот имаме луѓе кои не се доктори, а кои навистина имаат големо влијание според коментарите и нивните следбеници дека нема да ги вакцинираат своите деца. Падот на имунизација во изминативе години, би рекла две децении е можеби резултат на влијанието и на медиумите, но и на се поголемиот број луѓе коишто го пропагираат антиваксерството кое што не е засновано на медицина базирана на докази. Имено, токму ваквиве ситуации како оваа со пертусисот, како минатата година со морбили, можеби повторно годинава со морбилите да имаме проблем, ако не продолжиме со зголемување на стапката за имунизација, би довеле навистина до сериозни последици по здравјето на нашите граѓани и сметам дека токму ова треба да биде поводот сите ние да видиме кон што одиме, слушајќи ги тие наводи коишто ни ги даваат антиваксерските групи, појасни таа.
Заменик министерката одговори дека не е информирана дали Министерството има отпочнато некаква постапка преку ЈО околу овие групи коишто шират вакви дезинформации, но нагласи дека во текот на денов може да се информира, па ако има информација дополнителна, да ја достави.
Во однос на сезонскиот грип, информираше дека досега се вакцинирани преку 60 илјади луѓе.
– Се уште имаме пациенти коишто се јавуваат со потешка клиничка слика на сезонски грип пред се во болниците, тоа се сепак пациенти коишто имаат многу коморбидитети, дополнителни заболувања кај коишто инфекцијата со сезонски грип дополнително ја комплицира целата ситуација, појасни Манолева.
Во врска со Кичевската болница, дали ќе има нов договор, таа одговори дека нејзините информации досега се само околу раскинувањето на договорот.
– Би сакала во следниов период, се надевам ќе добијам дополнителни информации, но од она што досега јас го имам од проектната единица и од претходниот министер за здравство како информација, е, дека имаме само раскинување на договорот и дека е во план практично простор да се определи за да се направи увид што е досега сработено и што уште треба да се сработи за комплетна реализација на целиот проект, одговори таа.