Здружението на инженери со претставка до Комисијата за заштита од конкуренција побара ова тело да застане во одбрана на јавниот интерес и да го стопира доделувањето на 50 милиони евра на грчката компанија Митилинеос.
Откако претходно испратија допис и до пратениците, инеженерите побараа Комисијата за заштита на конкуренцијата да изврши истражување на околностите кои како што велат, укажуваат на можноста да биде нарушена конкуренцијата доколку Митилинеос добие државна помош за изградба на гасна централа во Железара.
На Седница бр. 140 на Собранието покрај другите точки, на дневен ред пред пратениците беше поставена и точката број 30. „Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка“. Покрај тоа, до пратениците е доставен и прилог на договорот кој Владата треба да го потпише со стратешкиот инвеститор – наведуваат инженерите, кои понатаму во денешното соопштение го образложуваат и предлог законот:
-Во деловите од предлог законот – „Оцена на финансиските последици од предлогот на законот врз Буџетот и другите јавни финансиски средства“ и „Процена на финансиските средства потребни за спроведување на законот и начинот на нивно обезбедување, како и податоци за тоа дали спроведувањето на законот повлекува материјални обврски за одделни субјекти“, даден е услов, според кој доделувањето на државната помош зависи од испитувањето на известувањето за планот за доделување на државна помош – велат инженерите.
Тие порачуваат дека доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека мерките содржани во известувањето претставуваат државна помош и доделувањето на истата ќе е дозволено, државна помош ќе му се додели на стратешкиот инвеститор Митилинеос. Со евентуалната таква одлука, во членот 9 од Предлог законот е предвидено Владата, како поттикнувачка мерка, да му додели на стратешкиот инвеститор државна помош во вид на финансиска поддршка во износ од 49.750.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната Банка (средства обезбедени од Буџетот на државата).
Од Вас како надлежни органи, бараме веднаш да постапите по оваа наша претставка и да ги преземете сите потребни дејствија и мерки за да се спречи повредата на јавниот интерес – се додава во денешното соопштение на Здружението на инженери.